Димитров: Силјановска-Давкова е во слеп занес дека ќе го поништи Преспанскиот договор

Министерот за надворешни работи и носител на листата во ИЕ1 на коалицијата на СДС, Никола Димитров, денеска ја повика неговата противкандидатка, Гордана Силјановска-Давкова, да каже дали во Собранието, ако била пратеник, ќе гласала „за“ при изјаснувањето на прашањето „Дали сте за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО?“
Оваа реакција на Димитров следи откако викендов Силјановска-Давкова изјави оти ќе барала да се поништи Преспанскиот договор.
„Да потсетам уште еднаш на зборовите на медијаторот Нимиц: по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик“, реагира Димитров.
Тој уште прашува: „Дали Вие г-ѓо Силјановска-Давкова сте подготвена за последиците од ваквиот чекор, дали Вие сте воопшто сериозна? Во слепиот занес за власт ќе рушите историски чекори што воопшто не ги разбирате. Со каква тоа неподнослива леснотија се дрзнувате да се расфрлате со вакви закани по македонската иднина.
Зошто тогаш неодамна во ваш пост-анализа се повикавте токму на Преспанскиот договор во одбрана на македонскиот јазик.
Ако вашата понуда е поништување на Преспа, што им нудите на Македонците кои зборуваат македонски јазик како алтернатива за НАТО членството и за пристапниот процес со ЕУ“, вели Никола Димитров.