Димитров очекува засилен ангажман на португалското претседателство
Засилен ангажман од португалското претседателство со ЕУ, со цел одржување на првата меѓувладина конференција, најави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, според кого, има извесни контакти на различни нивоа.
„Овие денови очекуваме засилен ангажман на португалското претседателство коешто иако не е блиску до Балканот, има многу добра волја и голема желба да стигнеме до овој заеднички успех и имаат интерес да ја завршат работата што ја почна германското претседателство. Со оглед на тоа што од таму не се сосема најавени јавно активностите, мислам дека не треба да одам повеќе во детали, меѓутоа јавноста треба да знае дека очекуваме засилен ангажман на португалското претседателство“, рече Димитров.
Тој најави дека овие денови ќе има и средби и оти не смееме да престанеме да се надеваме и немаме луксуз да креваме раце.
„Точно е дека е предизвик техничката Влада, но потоа има едни избори, кај нас, други избори кај соседите, трети избори во големи земји-членки. Многу е важно да има пробив, многу е важно и за ЕУ да се одржи довербата дека ЕУ е сериозна кога зборува дека ние ќе бидеме дел од Европа“, додаде тој.
Во однос на тоа дали Грција може да понуди помош во решавањето на проблемот со Бугарија, Димитров кажа дека сите земји членки можат да ни помогнат, но најприродна ситуација е кога нашите најголеми поддржувачи ќе бидат токму нашите соседи.
„И Грција и Бугарија имаат најголем интерес нашата европска приказна да успее и тие ќе имаат директна добивка на некој начин токму како наши комшии. Со оглед на контекстот и целата сага, генерациите што ги изгубивме, мислам дека е важно и Грција да биде една од државите што силно ќе го поддржува почетокот на пристапните преговори со одржување на првата меѓувладина конференција“, рече Димитров.