Димитров: Договорот е добра вест за регионот и пример за визионерско лидерство


Ниедна земја не може да ни диктира кој е нашиот јазик и идентитет, рече Никола Димитров во Стразбур

Договорот претставува добра вест за целиот Регион и Европската Унија, и пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија дури и на најделикатните отворени прашања, потенцираше денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров во Берлин на настанот насловен „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“.

Министерот изјави дека препознавање и зацврстување на придобивките од Договорот, заедно со резултатите во делот на домашните реформи, ќе претставува валоризација на системот на заслуги и условеност и јасен сигнал за Европската иднина на целиот Регион.

– И покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните Европски избори, сите прашања кои се поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето на успешни приказни. Мојата земја денес, Северна Македонија, е успешна приказна која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето, ниту Преспанскиот Договор не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме, заедно со лидерството во Атина, рече Димитров.

Навраќајќи се на потребата од одржување на дофатлива европска перспектива и активен европски ангажман во Регионот, Димитров истакна дека ангажираниот однос со нашиот регион, признавањето на напредокот и неговото наградување е не само правилниот пристап, туку и помалку скапиот пристап.

– Неангажираноста би била далеку поскапа. Ова го видовме и преку мигрантската криза во 2015/6 и важноста на Западниот Балкан за безбедноста на самата Европска Унија. Мислам дека иднината на регионот е европска, нема алтернативна стратегија. Иако поголемиот дел од работата е на нас дома, сите мораме искрено и отворено да размислиме што ќе правиме со овој регион. Доколку сакаме државите во регионот да ги направиме европски, каде владее правото, постојат функционални спреги и кочници и подобри економии, тогаш единствениот пат е пристапниот процес, рече министерот.

Димитров за време на работната посета на Берлин имаше средба и со пратеникот од СПД и член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, главниот советник на Канцеларката Меркел за Европски прашања, Уве Корсепиус и специјалниот пратеник за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА земјите во германското МНР, др. Кристијан Хелбах.