Димитриеска Кочоска: Ќе останат необештетени 20 милиони евра во Еуростандард банка
Со пропаѓањето на Еуростандард банка непокриени, односно пари кои нема да бидат обештетени остануваат дваесетина милиони евра, изјави денес на прес конферецнија Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ. Вкупната дупка што ќе треба да ја санира државата изнесува 70 милиони евра, тврди таа. Покрај тоа, како што истакна, под директен ризик со пропаста на банката се 55 илјади граѓани кои примаат пензии и социјална помош од Еуростандард банка.
„Значи имаме втор октопод, втор ТАТ, а на површина излегува и втор „министер во тренерки“ како од деведесетите години“, изјави Димитриеска Кочоска .
Таа додаде дека индиректните последици се уште поголеми – се нанесува огромна штета и на Македонска пошта која работи преку системот и услугите на Еуростандард банка, 170 вработени од Еуростандард банка остануваат без работа, а под ризик се и неколку стотина вработени во Македонска пошта што работеа на платниот промет.
„Освен Еуростандард банка сега и македонска пошта ќе се соочи со ликвидносни проблеми затоа што ќе немаат редовни приливи“, вели таа додавајќи дека под ризик за стечај се и најголемите клиенти на Еуростандард банка чии депозити сега се замрзнати, а прашање е и дали ќе бидат наплатени.
Со пропаѓањето на Еуростандард банка ќе се продава и недвижниот имот стекнат од аферата „Фиком“ каде пак се оштетени десетици други семејтва чиј пари се проневерени во аферата, рече Димитриеска Кочоска.