Детскиот канцер бележи пораст, процентот на излекувани е висок: Интервју со д-р Светлана Кочева

Причините за настанување на рак кај децата не се сосема јасни и покрај напорите на многу истражувачки студии да ги идентификуваат


Со удирање на ѕвончето децата ознчуваат дека ја победиле болеста (Фото: Б. Грданоски)

 

Од една неизлечива болест во минатото денес голем дел од малигните болести кај децата се лекуваат со успех. Но сепак останува фактот дека се тоа сериозни болести кои може да имаат и несакан тек, вели во интервју за „Независен“ д-р Светлана Кочева, раководител на одделот за хематоонкологија на Детската клиника. Таа вели дека во моментов во болницата се хоспитализирани 15 деца. Кај сите пациенти се применуваат современите тераписки протоколи. Д-р Кочева нагласува дека причините за настанување на рак кај децата не се сосема јасни и покрај напорите на многу истражувачки студии. Во одделот за онкологија посебно се внимава како информацијата за болеста да им се соопшти на родителите, а потоа и на децата. 

 

Колку деца во моментот се лекуваат во одделот за онкологија на Детската клиника, на која возраст и со какви видови карциноми се борат?

Годишно, на Одделот за хематологија и онкологија, на Клиниката за детски болести се дијагностицираат 35-40 нови пациенти со малигна болест. Пациентите се на возраст од 0 до 14 години. Најчесто тоа се акутните леукемии кои опфаќаат околу 30% од сите малигни болести во детството. Најчеста во оваа група е акутна лимфобластна леукемија. Втори по застапеност се туморите на централниот нервен систем, потоа лимфомите, невробластоми, нефробластоми и други поретки тумори. Одделот за хематологија и онкологија е единствена институција за дијагноза и третман на деца со малигна болест. Децата престојуваат на одделот во тек на интензивниот третман кој трае различно долго зависно од типот на болеста и терапевтскиот протокол.

Во моментот се хоспитализирани 15 деца.

Фото: Б. Грданоски

Каков вид третмани и протоколи за лекување се употребуваат, се разликуваат ли тие од европските, светските и дали, како земја, го следиме напредокот на медицината?

Тераписките протоколи за секоја малигна болест се прецизно дефинирани. Тоа се современи тераписки протоколи кои се предложени од Интернационалната асоцијација за педијатриска онкологија – (SIOP – International Society of Paediatric Oncology) и се применуваат во сите eвропски земји. SIOP претставува единствена глобална мултидисциплинарна асоцијација, целосно посветена на педијатрискиот и адолесцентниот канцер. Тоа е организација посветена на зголемување на знаењето за сите аспекти на детскиот рак. Ние како членови на SIOP имаме достапност до сите протоколи и нови препораки во однос на третманите и нивното спроведување и ги следиме.

Забалежителен ли е пораст на заболени деца, со оглед на загадувањето на животната средина, има ли тоа некакво влијание или сосема други фактори влијаат на онколошките заболувања кај децата?

Причините за настанување на рак кај децата не се сосема јасни и покрај напорите на многу истражувачки студии да ги идентификуваат причините за детскиот рак. Болеста започнува со генетски промени во единечни клетки кои потоа неконтролирано се делат и прераснуваат во маса или тумор кој го потиснува растот на здравите клетки и се распространува во другите делови од телото. Некои хронични инфекции, како што се ХИВ, вирусот Епштајн-Бар, маларијата, се фактори на ризик за рак кај децата.

Во текот на изминатите децении, животната средина значително се промени, со сè повеќе хемикалии кои влегуваат во воздухот и водата. Зрачењето во текот на животот или уште пренатално има штетно влијание. Сите овие фактори во комбинација со генетските особини, се чини дека се инволвирани во настанувањето на различни видови на рак во детството.
Вкупната инциденција на детскиот канцер е во пораст, со просечно зголемување од 0.8% годишно, следено од 1975.

Проф. д-р Светлана Кочева (Фото: Б. Грданоски)

Често гледаме дека малите пациенти ѕвонат на ѕвончето со што објавуваат дека се избориле со болеста. Тоа се должи на поуспешното лекување или пак зголемен е бројот на пациенти, а со тоа и на оздравени?

Процентот на излекувани деца со рак е висок. Се објавуваат охрабрувачки резултати. Од една неизлечива болест во минатото денес голем дел од малигните болести се лекуваат со успех. Но сепак останува фактот дека се тоа сериозни болести кои може да имаат и несакан тек. На терапискиот успех имаат влијание повеќе фактори поврзани со типот на болеста и оддредени специфичности на малигниот процес. Терапискиот успех е >90% за некои типови на рак во споредба со други кои се лекуваат со помал успех.

Денес е достапна помошна терапија со која се надминуваат секундарните компликации од хемотерапија, дијагностичките тестови се брзи и помагаат за брза дијагноза. Постои широк спектар на антибиотска, антивирусна, антифунгална терапија со кои се контролираат секундарните инфекции. Сето тоа придонесува кон подобар тераписки успех.

 

На кој начин им се соопштува на децата, но и на родителите дијагнозата, но и должината на лекувањето? Работи ли со нив психолог?

Дијагнозата на болеста им се соопштува на двајцата родители од страна на лекарскиот тим. Екстензивно се објаснува за природата на болеста, текот на лекувањето, терапискиот протокол, редоследот на лекување и должината на третманит како и сите можни компликации во тек на лекувањето. Пред да започне лекувањето по разговорот со родителите тие заедно со лекарите треба да го потпишат терапевтскиот протокол.

Во првиот разговор најчесто децата не се присутни. За разговoрот со нив и за тоа колку и кога ќе им соопштиме се договараме со родителите и ги почитуваме нивните барања. Тоа зависи од возраста на децата. Како и кога да им се објасни. Во работата на одделот е вклучен и клинички психолог кој ни помага во овој процес.

 

Има ли доволно лекови за сите онколошки заболувања и дали родителите плаќаат за тоа или тоа е обезбедено од државата? Потребна ли е посебна исхрана?

Лековите кои се содржат во тераписките протоколи ги имаме редовно. Во однос на исхраната да потребна е претпазливост за изборот и треба да се внимава. Особено во тек на интензивна хемотерапија. Ние секојдневно ги советуваме родителите и даваме насоки и совети. Родителите добиваат помош и упатства и од клиничкиот нутриционист.

 

Дали во случај на комликации или испробани секакви методи, сепак некои деца се препраќаат во странство на лекување по препорака на лекарите?

Кога се исцрпени можностите за лекување во нашата земја децата се упатуваат за лекување во странство. Засега тоа е само кога имаат потреба од алогена трансплантација на матични клетки, кога се работи за резистентна болест на терапија или рецидив на болеста. Очекуваме оваа тераписка опција да стане достапна и кај нас.

Малите пациенти се заблагодаруваат на медицинските лица (Фото: Б. Грданоски)

Што, вам, како лекар ви паѓа најтешко во работата со малите пациенти и кога сте најрадосни?

Најтешко е кога на родителите треба да им ја соопштам дијагнозата на болеста. Уште потешко е кога ќе се загуби битката за детски живот. Радосните моменти се повеќе и се почести. Кога ќе соопштиме пример „контролните анали покажаа дека болеста е под контрола“, „третманот е успешен, вашето дете нема повеќе рак“, „лекувањето е завршено и ќе си одите дома“. Кога децата се радуваат за добрите резултати, кога со насмевка нѐ дочекуваат на визита, кога не цртаат така како што не замислуваат, кога сакат да ни покажат што направиле, кога ни подаруваат белегзии кои сами ги направиле од монистри…. Кога доаѓаат на контрола и брзаат за на училиште, кога стануваат наши студенти.