Дете ликвидирано покрај таткото – лихвар
Лихвар со дебело криминално досие и неговиот малолетен син се најдени убиени во автомобил во атарот на селото Слупчане. Деветгодишното дете најверојатно се нашло на погрешно време и на погрешно место и на убијците не им било важно кој има во возилото. Ги изрешетале и избегале од лице место.
Полицијата се уште утврдува кој и зошто го убил четириесет и седумгодишниот Елхам Селахи од кумановското село Опае и неговиот син кај местото Слупчански бунар.
Телата на таткото и синот ги пронашле полицајци од одделението Матејче во неделата вечерта во 22.40 часот. На лице место, во тревникот покрај патот имаше траги од автомобил, но истражните органи утврдуваа од чие возило се трагите.
Сторителот или сторителите, кои се уште се непознати, со автоматско оружје пукале кон автомобилот „опел астра“ со скопски регистерски таблици во којшто биле жртвите. Телата на убиените вчера беа пренесени на Институтот за судска медицина и се вршеше обдукција којашто треба да покаже, со какво оружје било пукано и кога се случило убиството.
„По насока на надлежен јавен обвинител, увидната екипа на Министерството за внатрешни работи ги обезбеди и подигна трагите од лице место и истите ќе бидат предмет на натамошно вештачење. Пронајдени се и подигнати поголем број испукани чаури преку чие вештачење се очекува да се утврдат битни факти во предметот. Ќе биде извршено вештачење и на возилото на кое се видливи повеќе траги од напад со огнено оружје“, велат од Јавното обвинителство.
Иако првичните сомнежи беа дека позади двојното убиство стои крвна одмазда, според првичните неофицијални информации, четириесет и седумгодишниот жител на село Опае бил познат лихвар, односно заработувал од каматата од позајмените пари. Потекнувал од селотот Белановце и бил познат како Елхан беланоца. Лихварот имал дебело полициско досие и нема истражен орган во чија евиденција не се наоѓа неговото име.
Против него биле поднесени дури девет кривични пријави, едната е во Скопје за загрозување на безбедноста во сообраќајот, а останатите осум се во Куманово. Кумановската полиција го гонела за учество во тепачка, кражба, обид за убиство. После тоа ги повторил кривичните дела и направил нови, кражба, па загрозување на безбедноста на сообраќајот и напад на полицаец
Неколку години поминал и во истражниот затвор во Шутка, но очигледно, престојот во затвор не го спречил да продолжи со криминалот. Во истражниот затвор завршил во 2005 година за обид за убиство, повторно се вратил во 2009 година откако нападнал службено лице и третиот пат, во 2011 година се вратил по трет пат пак за обид за убиство.
Според криминалното досие на убиениот има многу причини за непријатели, но неговиот син ги платил гревовите на татка си, убиен без никаква причина.
Фросина Факова – Серафиновиќ