Детали за масакрот во супермаркет во САД: Убиствата расно мотивирани


Осумнаесет годишен белец уби десет и рани три лица во супермаркетот Топс во Бафало пред да им се предаде на властите кои сметаат дека злосторството е расно мотивирано.

Вооружен со автоматска пушка, тој е осомничен за расно мотивиран екстремизам.
Полицијата верува дека 18-годишникот, вооружен со автоматска пушка, дејствувал сам.

ФБИ, во меѓувреме, соопшти дека неговиот чин ќе биде истражен како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.

Единаесет од 13-те убиени или ранети се црнци, а супермаркетот Топс се наоѓа во населба доминантно црнечка.

Осомничениот, чие име полицијата не го соопшти, не е од Бафало, туку „возел таму“ со часови.

Директно го пренесувал злосторството 

Меѓутоа, американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека напаѓачот се викал Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во државата Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало.

Своето злосторство го пренесувал директно на интернет сервисот Твич преку камера што ја поставил на кацигата. Тој беше тешко вооружен, во воена опрема и со панцир, соопшти полицијата.

Си го ставил пиштолот на вратот, но се откажал

Кога полицијата го опколила во лобито на супермаркетот, тој прво го ставил пиштолот на вратот, но полицајците сепак го убедиле да го фрли оружјето и да се предаде, изјави на прес-конференција началникот на полицијата Џозеф Грамаглија.

Како што пренесуваат американските медиуми, тој убил четири лица на паркингот, а потоа се судрил со обезбедувач на супермаркет кој во размена на оган го погодил со куршум, но напаѓачот бил заштитен со панцир. Чуварот подоцна бил смртно застрелан. Останатите жртви напаѓачот ги убил во супермаркетот.

Си-Ен-Ен објави дека добиле дел од преносот во живо на кој се гледа наводниот стрелец како оди кон продавница на Топс.
Видеото е снимено од гледна точка на осомничениот додека се вози на паркингот на супермаркетот. Лицето се гледа во ретровизорот како носи кацига и се слуша како вели: „Само треба да одам по тоа“, пред да влезе во предниот дел на продавницата.

Портпаролот на Твич изјави дека компанијата го отстранила преносот во живо помалку од две минути по почетокот на насилството. Компанијата не одговори веднаш на дополнителните прашања за тоа дали осомничениот активно пукал кога преносот во живо бил прекинат.

Инспекторите во саботата го разгледуваа наводниот манифест од 180 страници што беше објавен на интернет во врска со истрагата за пукањето, изјавија за Си-Ен-Ен два федерални извори за спроведување на законот.

Наводниот манифест зборува дека „се намалува бројот“ на белото население

Манифестот, независно добиен од Си-Ен-Ен веднаш по нападот и пред властите да го објават името на осомничениот, наводно е напишан од лице кое тврди дека е Пејтон Гендрон, кое го признава нападот.

Авторот на манифестот вели дека купил муниција пред извесно време, но не се зафатил сериозно да го планира нападот до јануари. Авторот, исто така, продолжува со своите перцепции за намалената големина на белото население и тврдењата за етничка и културна замена на Белците.

Дел од документот е напишан во форма на прашање и одговор.

Гендрон беше изведен во саботата вечерта пред судот во градот Бафало, со обвинение за убиство од прв степен, се вели во соопштението на окружниот обвинител.

Тој се изјаснил за невин. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува максимална казна доживотен затвор без помилување, се вели во соопштението, а официјални лица изјавија дека може да има и повеќе обвиненија против него.