Деспотовски на конференција за иновации: Очекуваме ЕУ финансиски да го поддржи Регионалниот инвестициски фонд
Иднината на иноваците и образованието, поддршката преку програмите на ЕУ како и предизвиците и идните планови за Западниот Балкан беа во фокусот на панелот „Иновативна агенда за Западен Балкан“ во рамките на Европски денови на истражување и иновации кои се оддржуваат онлајн од 22 до 24 септември.
На панелот учествуваат Сања Дамјановиќ, министер за наука на Црна Гора, Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Виктор Недовиќ од Министерството за образование и наука на Србија, Мартин Керн, директор на Европскиот институт за иновации и технологија, Флоренса Хаџи советник на премиерот на Албанија и Проф. Др.Атанас Кочов, професор на Машинскиот факултет од Скопје.
Панелот го отвори еврокомесарката за иновации, образование, истражување и млади, Марија Габриел која ги најави новите програми за поддршка од Европската Унија за Западниот Балкан преку Хоризонт 2025 и Еразмус плус, како и други инструменти наменети за долгорочно заздравување на регионот од кризата. Таа нагласи дека ЕУ останува посветен партнер на овие земји и дека во иднина треба да се работи заедно за да се привлечат што повеќе инвестиции, повеќе да се вложи во образование и градење на капацитети, да се поддржат стартап компаниите и да се креираат услови со кои на младите ќе им се даде инструмент како да ги развијат своите идеи во сопствените држави и да останат таму да ги спроведуваат.
Учесниците зборуваа за досегашните резултати од поддршката преку програмата Хоризонт 2025 и СМАРТ специјализацијата која се спроведува во сите земји, како и за идните планови за регионот. Сите говорници беа согласни дека е неопходен регионален пристап и развој на заеднички платформи за соработка за да се постигнат подобри резултати за сите земји.
Директорот на ФИТР, Јован Десптовски нагласи дека Северна Македонија преку различни програми успеа значајно да ја зголеми поддршката за микро, малите и среди компани, но и да вложи во истражување и развој.
„С.Македонија постигна реален напредок во користењето на средствата од ЕУ за истражување и развој. Со националните програми во рамките на Фонд за млади умови веќе вложуваме во над 500 ученици од над 100 основни и средни училишта. Воведовме и нова програма – иновациски ваучери, целосно насочена кон универзитетите и нивното вклучување во економскиот развој. Системски градиме капацитети за привлекување на уште повеќе средства од ЕУ во следните години.“, рече Деспотовски.
Во делот на очекувањата за поддршката од ЕУ во наредниот период за Западниот Балкан, Деспотовски посочи дека „ЕУ треба да обезбеди финансиска поддршка за иницијативите кои доаѓаат од регионот. Тука би го издвоил Регионалниот инвестициски фонд, за што веќе е изграден концепт и консензус помеѓу државите од Западен Балкан. Со овој регионален фонд, очекуваме значителна поддршка во поттикнување на инвестициите во брзо-растечки бизниси од регионот, а со тоа и поттикнување на извозот кон ЕУ, како клуч на идниот развој“ .
Сите говорници изразија подготвеност дека ќе работат на заеднички иницијативи со кои Западен Балкан ќе успее да искористи што повеќе средства од европските фондови кои ќе придонесат за економски развој на сите земји во регионот.
Европските денови на истражување и иновации започнаа во 2019 година и се годишен настан што ги обединува светските лидери од индустријата, бизнисот, академијата како и министри и еврокомесари, да дебатираат и да го обликуваат идниот изглед на политиките за истражување и иновации. Истражувањата и иновациите се во основата на европската економија и се од витално значење за одржливо и успешно општество. ЕУ во последните 30 години преку различни програми има вложено над 200 милијарди евра во истражување и иновации.