Денови на претстави од независна продукција во Драмски театар

Со претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска, во Драмскиот театар во Скопје вечер започнуваат Деновите на претстави од независна продукција.
До 20 септември на двете сцени на театарот ќе се играат претставите од независната продукција создадени во изминатите две години – „Слугинки“, „Криег“, „Folie a Deux“, „Лекција“, „Те чекам“, „Волкот на љубовта“, „Фетишист“, „Хинкеман“ и „Вај-Фај“.
Драмски, како што посочуваат од театарот, ќе биде местото каде ќе се сретнат уметниците што творат и внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во создавање на театарските претстави. Театарот ја повикува својата публика и генерацијата на млади, љубопитни познавачи на дигиталните медиуми да дојдат и да им дадат поддршка на креативните проекти од независната сцена.
-Оваа симбиоза на публиката што ќе ги следат претставите од независната сцена, ќе дадат енергија за нов и динамичен вовед во новата театарска сезона, велат од Драмски.
За гостувањата ќе бидат отстапени сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот, како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти.
Деновите на независна сцена вечер ги отвора претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска. Во претставата играат: Марија Кондовска, Кристина Гиева, Ванеса Тримчевска.
Продукцијата „Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА“ со претставата „Криег“ ќе настапи в петок на 12 септември во 20 часот. Режијата е на Иванка Апостолова –Баскар, а во претставата играат Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова.
В сабота, 13 септември, во 20 часот со претставата „Folie a Deux“ на режисерот Ѓорѓи Ризески ќе гостува продукција „Вортекс театар“. Во претставата играат Јана Вељановска и Никола Милошевски.
Претставата „Лекција“ работена по делото на Ежен Јонеско во режија на Ризески ќе се игра на 16 септември во 20 часот. Во претставата играат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска, Милорад Ангелов, а продукцијата е „Моушн Нетворк Штип“.
На 17 септември Драмски театар ќе ги отвори двете сцени за проектите на уметниците од независната сцена. Од 19 часот на Малата сцена ќе се игра претставата „Те чекам“ на продукцијата „Театар за тебе“. Автор и режија на претставата е Изабела Јакимова, а играат Гоце Андонов и Ангела Лефкова со учество на публика.
„Волкот на љубовта“ на авторите Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски ќе биде вториот настан што ќе се реализира во среда на 17 септември со почеток во 21 часот на сцената „Ристо Стефановски“.
В четврток на 18 септември во 20 часот ќе се игра монодрама „Фетишист“ по делото на авторот Мишел Турне. Здравко Стојмиров ја игра и ја потпишува режијата на претставата.
Продукцијата „Театар Златен Елец“ в петок на 19 септември од 20 часот ќе ја игра претставата „Хинкеман“ по делото на авторот Ернст Толер. Режија и адаптацијата се на Тамара Стојаноска, а во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова/Надица Петрова, Дритон Вејсели/Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.
Деновите на независна продукција се затвораат в сабота на 20 септември со претставата „Вај-Фај“ во режија на Мирко Видоески. Претставата се игра од 20 часот и во неа ликовите ги толкуваат: Наташа Петровска, Лазар Саровски, Драгана Радованов, Глигорије Стојановски и Игор Бачоски. Претставата е во продукција на „Драмско студио Тетово“.