„Денови на македонски кореографи” од 22 до 25 април на Малата сцена во НОБ

Од 22 до 25 април на Малата сцена во Националната опера и балет ќе се одржат „Денови на македонски кореографи”, во чии рамки ќе бидат изведени пет претстави и една изложба.
Во првата вечер на „Денови на македонски кореографи” на 22 април ќе се прикажат две претстави „Мокументари“ од Андријана Данчевска и „Ехо на баронот“ од Дејан Битровски.
Во втората вечер на 23 април ќе може да се проследи претставата „Болеро“ на Саша Ефтимова. Но, и во Фоајето на Националната опера и балет ќе биде прикажана изложбата на слики „Вечни тела“ од Искра Шукорова.
На 24 април ќе биде прикажана претставата „Д како Дездемона“ од кореографката Рисима Рисимкин. На затворањето на 25 април „Денови на македонски кореографи” ќе се изведе претставата „Патување“ од турскиот кореограф Чан Арслан. Оваа претстава се спремала во НОБ со македонски балетски уметници и пред околу еден недела ја имаше премиерата во Анкара.
Марија Кичевска Шокаровска, уметнички раководител на Балетот на денешната прес-конференција информира дека настанот е по повод 20 години јубилеј од првата претстава на Мала сцена, а тоа било „Јас, Исидора“ од Олга Панго. Таа нагласи дека идејата и целта на Мала сцена е да се развиваат нови креативни кадри од македонски кореографи.
Саша Евтимова, кореограф и организатор на „Денови на македонски кореографи” истракна дека Малата сцена е една платформа која што дава еден креативен поход каде може да се изразуваат креативно. Како што нагласи,„Денови на македонски кореографи” е значајна и за младите кореографи коишто се развиваат и им треба простор за развивање и на етаблираните кореографи кои своите почетоци ги направиле на Малата сцена.
-Моето прво дело е во 2006 година баш на Малата сцена. Само Малата сцена може да биде платформа за нови млади креативни сили кои сакаат сакат да се изразат во копродукција со Национална опера и балет или некои независни проекти кои ќе можат да се одржуваат на таа сцена. Таа сцена треба вечно да трае. Таа сцена треба да се развива и треба да буди креативни умови како што ги имаме ние во нашата држава, рече Евтимова.
Кореографкат Рисима Рисимки информира дека „Скопје танцовиот театар“ на „Денови на македонски кореографи” ќе претстави три премиери – „Мокументари“ од Андријана Данчевска, „Ехо на баронот“ од Дејан Битровски и „Д како Дездемона“ од Рисимкин.
-Ова е мојата втора претстава во која што се бавам со жените на Шекспир во делата на Шекспир. Пред две години ја правев „Лејди Магбет“. „Да како Дездемона“ е втора претстава која се бави со таа тематика. Ова е прекрасно искуство. Деновиве ние тука ги правиме подготовките. Отворена е вратат за нас, како независна сцена, што навистина значи еден исчекор во нашето заедничко работење и мислам дека тоа ќе значи една платформа на која што понатаму се повеќе ќе се развиваат и нови кореографи и нови дела. Јас искрено се надевам дека оваа сцена ќе продолжи да живее и понатаму ќе има претстави и ќе стане традиција да можеме ние и утре нови кореографи да имаат можност да се изразат, рече Рисимкин.
Искра Шукарова, кореограф и автор на изложбата „Вечни тела“ ифнормира дека нејзината изложба била изведена во Културно информативниот центар и инспирирана била од телото на изведувачот.
-Се работи за наши колеги на возраст од 70 до 90 години – Емилија Џипунова, Зоица Пуровска Велевска, Снешка Шијак, Зоран Талев и Ирена Лозинска. Соработката е со фотографот Жарко Стојчевски. Идејата е поврзано со возрасното тело, всушност инспирирана сум од телото на изведувачот, конкретно тоа е моја лична приказна. Телото кое што се менува, но тело кое што памети. Соработник во однос на изложбата е Јованка Попова, која е куратор во визуелна уметност и многу добро го рефлектираше она што ние го изведовме практично, рече Шукарова.
Кореографката Адријана Данчевска Ровчанин истакна дека „Мокументари“ е танцов перформанс кој е обликуван според нивен наратив и ја рефлектира политичката и општествената состојба во земјава. Информира дека за претставата за музика задолжен бил Александар Гроздановски и Ивана Мојсовска за сценографијата.
Кореографот Дејан Битровски нагласи дека неговото дело „Ехо на баронот“ се бави со тематика која што на еден начин е многу модерна од аспект на дигитална дистопија преку синдромот на Михаузен и искрививањето на некои вредности кои што можеме се почесто да ги сретнеме во интернет просторот.
-Пробувам на еден начин преку танц, движење и сценографија да ги донесам на ниво да можам да кажам да се запрашаме точно што се случува со целата ова наша ситуацијата во која ние живееме овде, меѓутоа и на глобално светско ниво, рече Битровски.
Киро Павлов, менаџер на операта и балетот најави дека ќе продолжат понатаму со оваа иницијатива.
-Едно е да се има идеја, а едно е да се остварат многу дејности внатре во театарот, бидејќи од техничкиот аспект сме многу назад. Таа Мала сцена потребно многу да се реновира, пред се од интер бината за седење, светлосни ефекти, под. Ние ќе работиме напорно. Додека работиме, велам дека Малата сцена ќе функционира не верувам во мај поради Мајските оперски вечери, но во јуни, јули, па и од септември натака ќе даваат претстави континуирано како и на Големата сцена. Се надевам дека до декември ќе имаме можност да го обновиме светлосниот парк, а во 2026 година да доминира на едно европско ниво, бидејќи тоа го заслужува оваа куќа и оваа држава. Во последните 20 години многу малку се инвестирало внатре, рече Павлов.