Денот кога банкротираше Леман брадерс


Точно пред 13 години, на 15 септември 2008 година, банката Леман брадерс, тогаш четврта по големина американска инвестициска банка, поднесе барање за стечај, што се смета за пресвртница во финансиската криза (2007-2009). По спасувањето на другите големи финансиски институции, американската сојузна влада дозволи Леман брадерс да пропадне.

На прогласувањето на финансиската криза му претходеше колапс на довербата во системот на хипотекарни заеми предизвикани од банките преку нерегулирана употреба на финансиски деривати.

Хипотекарната криза започна во 2007 година кога пукна балонот на пазарот на недвижности. Со вртоглавото зголемување на вредноста на куќите и ниските стапки на заеми, куќите се купуваа како инвестиции.

Секој во Америка кој имал куќа можеше да позајми пари од банка, гарантирајќи за заемот со недвижниот имот во кој живее. До летото 2007 година, финансиските пазари ширум светот покажаа знаци на доцнење на наплатата многу години по пласирање на евтините заеми. Хеџ фондовите почнаа да пропаѓаат, а банките ги предупредуваа инвеститорите дека можеби нема да можат да ги исплатат.
Сепак, и покрај предупредувачките знаци, малку инвеститори се сомневаа дека најголемата криза во речиси осум децении ќе го погоди глобалниот финансиски систем, фрлајќи ги на колена гигантите од Волстрит и предизвикувајќи голема рецесија. Тоа беше епски финансиски и економски колапс што ги чинеше многу обични луѓе работа, заштеди за живот и домови.

Пазарот на недвижности беше епицентарот на кризата, поради проблематичните заеми, но релативно брзо закрепна по падот. Цените на куќите е намалија, а милиони ги загубија своите домови поради запленување. Со текот на времето, пазарот закрепна, со зголемување на цените на недвижностите и многу помал број на хипотеки. Регулаторите, исто така, воведоа нови ограничувања за кредитирање, потсетува Вашингтон пост.
Кризата беше најголемата американска економска катастрофа од Големата депресија (1929-1933). Американската берза ослабе за околу 8.000 милијарди долари помеѓу 2007 и 2009 година. Невработеноста се зголеми на 10 проценти во октомври 2009 година, а Американците загубија околу 9.800 милијарди долари во вредноста на имотот поради падот на цените на недвижностите. Големата рецесија предизвика загуба од над 2.000 милијарди американски долари во глобалниот економски раст или пад на глобалниот БДП од околу четири проценти, според пресметката на Мудис аналитика.

Во 2008 година, владата ја презеде контролата врз проблематичните хипотекарни гиганти, бидејќи пазарот на недвижности пропадна и загубите на компаниите се натрупаа. Товарот на кризата падна врз даночните обврзници кои внесоа милијарди долари во проблематични компании. Како што пренесува Biznis.rs, американската економија во голема мера закрепна во следните 10 години, а многу од најголемите американски банки, како што се JPMorgan Chase, Bank of America и Wells Fargo, станаа уште поголеми.

Според најновите податоци на Банката на Англија, бруто износот на хипотекарни станбени заеми го достигна највисокото ниво од третиот квартал на 2007 година, а во вториот квартал од 2021 година тие се удвоија во споредба со истиот период минатата година.