Ден по избори се затвора мекедонското небо – контролорите на штрајк


Фото: Б. Грданоски

Македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за авионски сообраќај на 20 и 24 октомври, поради најавен штрајк на контролорите на летање, објави 24Инфо, повикувајќи се на извори од М-НАВ.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) повторно ја активираше одлуката за штрајк, откако, како што наведуваат, менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања. Според нив, состојбата во претпријатието е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.

Од синдикатот за 24Инфо посочиле дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот, поради завршувањето на локалните избори. „Не сакаме да му дадеме можност на раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран“, велат од ССКЛМ.

Контролорите бараат:

Запирање на партиските вработувања во М-НАВ
Одобрување од Министерството за финансии за објавување на огласи за нови вработувања – пред сè за контролори на летање и инженери

Распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието

Иако штрајкот првично беше закажан за 10 јули, тогаш беше одложен поради, како што рекоа синдикатите, „одредени позитивни чекори“ од страна на менаџментот. Сепак, поради застој во реализацијата на барањата, контролорите повторно застануваат цврсто зад своите ставови.

Доколку не дојде до договор, штрајкот ќе се реализира на секоја прва и четврта недела во неделата – односно секој понеделник и четврток, се додека не се исполнат барањата. Во таков случај, се очекува сериозно нарушување на авионскиот сообраќај во државата, со можност за негово целосно запирање.

Синдикатот дополнително алармира и за, како што тврдат, притисоци од страна на раководството врз вработените за да се спречи нивното учество во синдикалните состаноци и активности.

Целта на синдикалците, како што велат, не е блокирање на системот, туку воспоставување професионален и одржлив начин на функционирање во М-НАВ, каде што ќе се вработува само неопходен стручен кадар, а не по партиска линија.