Воена вежба на турската авијација и морнарица во Егејско Море


Турските воздушни и поморски сили денес одржаа воени вежби во Егејот, соопшти турското Министерство за одбрана, додека тензиите со Грција околу источниот Медитеран продолжуваат.

Борбени авиони Ф-16 и воени бродови спроведоа вежби насочени кон „подобрување и одржување на оперативната способност за време на заедничко работење“, соопшти турското Министерство на Твитер.

Вежбите се одвиваа додека тензиите продолжија во источниот Медитеран, каде Турција неодамна испрати истражувачки брод во областа заедно со неколку воени бродови.

Зоната е богата со полиња за гас за кои Атина тврди дека и припаѓаат според меѓународното право.

Грчки воени извори во петокот објавија дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе испратат ловци на Ф16 во Грција, кои ќе учествуваат во заеднички воени вежби со грчката армија следната недела.

Арапските авиони ќе бидат испратени на островот Крит, додаваат истите извори, наведувајќи дека вежбите се организираат во согласност со соработката меѓу министерствата за одбрана на двете држави.

 

.