Демократски сојуз: Резултатите од пописот не се одраз на реалноста
Според првичните анализи на објавените податоци од пописот, Демократскиот сојуз, оценува дека тие не се одраз на фактичката состојба.
-Во дијаспората, проценките се дека само околу 10% од Македонците се попишани, додека во Македонија, од резидентното население, претежно Македонци, над 130.000 не се попишани. Овие бројки го наметнуваат заклучокот, дека пописот е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста.
Има многу фактори кои влијаеа да не успее пописот: деструкцијата и повикот за бојкот на некои партии, лошите подготовки, методологијата за спроведување на пописот, партизацијата, слабата обука на попишувачите, отсуството на контрола и сл. Демократскиот сојуз предлага да се направат дополнителни вкрстувања и проверки на податоците, а за нерезидентното население (иселеници) да се спроведе дополнителен попис, стои во реакцијата на партијата.
Од Владата пак соопштија дека пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен од 5 септември до 30 септември минатата годинa и по речиси 20 години, е„ успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот“.
-Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики“, се нагласува во владиното соопштение.