Демократијата е во неволја во половина свет, покажува новиот извештај

Македонија покажа значителни подобрувања во демократијата во текот на пет години, се вели во извештајот на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (ИДЕА)


 

Извештајот на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (ИДЕА) за глобална состојба на демократијата 2023 година, објавен во четвртокот, 2 ноември, вели дека демократијата во светот се влошува соочена со зголемениот авторитаризам, истакнувајќи дека тоа се должи на подемот на личности како Виктор Орбан, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган, кои се познати по нивната тврдокорна политика во Унгарија, САД и Турција.

„Во Унгарија, Полска, Турција, Словачка, Израел и САД, да ги наведеме само најпознатите примери, лидерите кои тврдат дека зборуваат за и со авторитетот на народот придонеле за влошување на демократските норми“, предупредува новиот извештај.

Овој шестгодишен пад го означува најдолгиот континуиран период на влошување на демократијата од почетокот на евиденцијата во 1975 година, забележува Сима Шах во нејзиниот разговор со „Политико“.

„Ова не сме го виделе претходно, под закана се основните принципи на демократијата“, вели Шах.

За разлика од Унгарија и Полска, неколку земји од Централна и Источна Европа – вклучувајќи ги Бугарија, Чешка, Косово, Латвија, Литванија, Северна Македонија, Романија и Словачка – покажаа значителни подобрувања во демократијата во текот на пет години, се вели во извештајот. 

Напредокот на Северна Македонија е значаен, со подобрувања забележани во основната благосостојба, избраната влада и личниот интегритет и безбедност. Полоши резултати има во владеењето на правото.

Во речиси половина од земјите во светот има опаѓањето на нивото на демократија. А некои земји со историски долги демократски традиции се меѓу нив.

ИДЕА со седиште во Стокхолм рече дека 85 од 173 испитани земји „доживеале пад во барем еден клучен показател за демократските перформанси во последните пет години“.

„Многу воспоставени демократии доживуваат неуспеси… почнувајќи од падот на еднаквоста на социјалните групи во Соединетите Држави, слободата на печатот во Австрија и пристапот до правдата во Обединетото Кралство“, се додава во извештајот.

„Ова е шеста година кога гледаме повеќе земји со демократски падови отколку подобрувања“, изјави за АФП нејзиниот програмски офицер Мајкл Руни. Тој е еден од авторите на извештајот „Глобалната состојба на демократијата 2023“.

Тој шестгодишен тренд ја претставува најдолгата „демократска рецесија“ што ја видела организацијата откако почна да собира податоци во 1975 година, додаде тој.

Владеењето на правото отелотворено од независните судови и слободата од политичко насилство, исто така, слабее во земји како Австрија, Унгарија и Перу, се истакнува во извештајот.

„Темелите на демократијата слабеат низ целиот свет“, се предупредува во него.

И покрај падовите во Унгарија и Полска, Централна Европа беше епицентарот на демократскиот раст, станувајќи втор подрегион со највисоки резултати во однос на владеењето на правото. Словенија доживеа извонреден демократски отскок и сега е меѓу оние кои настапуваат во првите 25 проценти во однос на отсуството на корупција на глобално ниво.

Извештајот на ИДЕА, базиран на податоци од 2022 година, анализира 173 земји користејќи 17 индикатори, вклучувајќи ги граѓанските слободи, независноста на судството, кредибилните избори и владеењето на правото. Иако Европа е регион со највисоки оценки, постојат регионални разлики.

Извештајот нагласува дека Унгарија и Полска остануваат проблематични во рамките на Европската унија (ЕУ), што го одразува ограниченото влијание на ЕУ врз нејзините земји-членки. Лидерите како што е унгарскиот Виктор Орбан ги ослабеа институциите за време на неговото време на власт, додека неодамнешните изборни резултати во Полска може да укажат на попозитивен развој.

Австрија забележа пад на владеењето на правото и граѓанските слободи, како и на слободата на печатот и медиумите. Шах рече дека ова е изненадувачки и вреди да се забележи бидејќи Австрија обично не е во насловите. Во извештајот се вели дека поранешниот канцелар Себастијан Курц е вклучен во шеми насочени кон сузбивање на критичките медиуми и купување поволно покривање користејќи јавни средства од Министерството за финансии.

Шах заклучува дека иако постои загриженост за падот на демократијата во земји како Австрија, сè уште е можно да се дејствува, но ситуацијата во Унгарија и Полска е потешко да се промени. Напорите на ЕУ да ги доведе овие земји до стандардите на ЕУ беа бавни и не секогаш успешни, додаде таа.

Во Африка, и покрај некои преврати, имаше позитивен развој, со зголемено политичко учество и намалена корупција, особено во Гамбија и Замбија.