Клинички ќе користи надворешни компресори додека не се отстрани миризбата од хируршките сали
Во Македонија нема лиценцирана лабораторија која може да даде дозвола за квалитетот за испорачаните гасови, испратени се мостри во Германија
Министерот за здравство, Илир Демири, денеска на прес-конференција изјави дека хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и дека ќе користат надворешни компресори додека не добијат валиден документ за исправност.
„Салите во Клинички се градени пред 30 години и инсталацијата за снабдување со кислород е стара 30 години. Пред еден месец имаше хаварија во компресорската станица кога се расипа еден од компресорите и доведе до оштетување, влегување на масло во тие цевки, по што тој компресор е исклучен од функција. Беа три компресори, почна клиниката да функционира со два компресори, ги издувавме комплетно цевките, поминаа технички преглед од две независни институции“, вели Демири.
Тој појасни дека цевките биле исчистени, но дека за поголема безбедност морало да се сервисираат и да се исклучи системот.
„Побарав итно од менаџерите да поднесат барање и да се сервисираат истите компресори, но пред девет дена се случи ист проблем. Без да има хаварија се појави лоша миризба, веднаш реагиравме и ангажиравме надворешни фирми. Ги повикавме фирмите ‘Пегаз’ и ‘Трегер’ да испитаат. Бидејќи во Македонија нема лиценцирана лабораторија која може да даде дозвола или уверение кое ќе послужи за квалитетот за испорачаните гасови, побаравме од странска компанија и денес се испратени мостри во Германија. Од двете независни компании со лаборатории не виделе никаков недостаток во квалитетот на гасови и препорачаа да се менуваат филтрите од компресорските станици“, рече Демири.
Според министерот, проблемот е хаварија во компресорската станица за кој се чекаат испитувања од Германија, како и истрага на Јавното обвинителство.
Од двете независни компании со лаборатории не виделе никаков недостаток во квалитетот на гасови и препорачаа да се менуваат филтрите од компресорките станици, потенцираше Демири.
Тој информира дека дополнително набавени се шест надворешни компресори кои може да послужат за итните случаи и за Карил, за да се сигурни дека добиваат квалитетен воздух.
„Со тие компресори, кога се вклучени, нема миризба, а со вградените компресори миризбата ја има и за нас тоа е необјасниво. Немаме информација зошто ја има миризбата кога нема проблем. Чекаме испитувањата од Германија да стасаат и дотогаш ќе се функционира вака“, вели Демири.
Министерството за здравство до Јавното обвинителство испратило и допис во кој бараат обвинител да постапи и да утврди дали има елементи на кривично дело во врска со тоа што салите не работат. Јавен обвинител ќе ја испитува ситуацијата и веќе сослушан е претставник на Министерстовтото за здравство, а потоа ќе бидат повикувни и директори на клиниките.
„Додека не заврши ова испитување и не дојдат анализите од Германија кои се испратени, хируршки центар ќе се послужи со надворешни компресори“, рече тој, дополнувајќи дека се набавени шест компресори кои се надворешни и може да послужат за итни неодложни интервенции кои се од покомплициран карактер.
Итните случаи на пациенти, како што кажа се пренесуваат во болницата „Св. Наум Охридски“ позната како стара градска болница и во болницата „8 септември“, но таму се создаде огромен метеж, па поради овие операции, други се ставени на чекање. (Н.В.)