Деменцијата станува светска епидемија


Случаите на деменција ширум светот ќе се зголемат речиси трипати, до 153 милиони до 2050 година, покажува ново истражување, иако некои експерти ги критикуваа овие „апокалиптични проекции“.Студијата за глобалниот товар на болести, објавена во The Lancet Public Health  прогнозира дека случаите на деменција ќе се зголемат во сите 200 испитани земји.

„Нашата студија нуди подобрени прогнози за деменцијата на глобално ниво, како и на ниво на земји, давајќи им на креаторите на политиките и експертите за јавно здравје нови сознанија за да ги разберат двигателите на овие зголемувања“, рече Ема Николс, главен автор на трудот од Институтот за Метрика и евалуација на здравјето (IHME) на Универзитетот во Вашингтон.

Според истражувачите, деменцијата моментално е седма водечка причина за смрт во светот и една од главните причини за инвалидитет и зависност кај постарите луѓе. Се проценува дека 57 милиони луѓе на глобално ниво страдале од оваа болест во 2019 година, а во моментов се проценува дека влијае на околу 10 милиони луѓе во европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО).

Иако студијата покажа дека Западна Европа треба да биде еден од најмалку погодените региони, регионот ќе забележи раст од 74% во случаите на деменција, од речиси осум милиони случаи во 2019 година на скоро 14 милиони во 2050 година. Блискиот исток и источната субсахарска Африка се очекува да бидат најтешко погодени, со проценет пораст од 350 отсто во случаите на деменција, главно поттикнати од растот на населението.

На глобално ниво, жените се повеќе погодени од деменција отколку мажи. „Во 2019 година, жените со деменција ги надминаа мажите со деменција од 100 до 69, а оваа шема се очекува да остане и во 2050 година“, се вели во студијата.

„Тоа не е само затоа што жените имаат тенденција да живеат подолго“, рече коавторот Џејми Штајнмец , посочувајќи дека постојат докази за полови разлики во биолошките механизми кои се во основата на деменцијата.

„Се сугерираше дека Алцхајмеровата болест може да се шири различно во мозокот на жените отколку кај мажите, а неколку генетски фактори на ризик се чини дека се поврзани со полот„, рече Штајнмец.

Пандемијата Ковид -19 имаше и ќе продолжи да има негативно влијание врз луѓето кои страдаат од деменција, изјави д-р Наташа Азопарди Мускат од Светската здравствена организација (СЗО). Студијата, исто така, разгледа четири фактори на ризик за деменција – пушење, дебелина, висок шеќер во крвта и ниско образование, за да се види нивното влијание врз идните трендови.Истражувачите истакнаа дека патот напред е да се намали изложеноста на водечките фактори на ризик во секоја земја. Тие открија дека подобрувањата во глобалниот пристап до образование треба да ја намалит преваленцата на деменција за над шест милиони случаи ширум светот до 2050 година. Сепак, на ова ќе се спротивстават очекуваните трендови на дебелина, висок шеќер во крвта и пушење, што ќе резултира со дополнителни речиси седум милиони случаи на деменција.

„Треба повеќе да се фокусираме на превенцијата и контролата на факторите на ризик пред да резултираат тие со деменција. Дури и скромниот напредок во спречувањето на деменцијата или одложувањето на нејзината прогресија би исплатил извонредни дивиденди“, рече Николс.

Таа додаде дека „ова значи зголемување на локално соодветни, евтини програми кои поддржуваат поздрава исхрана, повеќе вежбање, откажување од пушење и подобар пристап до образование“.

„Исто така, треба да се продолжи со инвестирање во истражување за да се идентификуваат ефективни третмани за запирање, забавување или спречување на деменцијата“, заклучи таа.

Комисијата Lancet во  2020 година исто така сугерираше дека елиминирањето на изложеноста на 12 познати фактори на ризик може да спречи до 40% од случаите на деменција. Ова ги вклучува ниското образование, високиот крвен притисок и дебелината.

„Јас ќе го имам луксузот да заборавам, но сите оние околу мене нема да го имаат тој луксуз и  никогаш нема да заборават што ни прави деменцијата“, изјави Крис Робертс, кој има деменција, во интервју за EURACTIV.com, нагласувајќи ја потребата за зголемена свест за разорната болест е присутна во сите делови на светот.

Сепак, студијата наиде на одредени критики. Лекарите Михаел Шварцингер и Карол Дуфуил од Универзитетската болница во Бордо во Франција ја обвинија студијата за „премногу поедноставување на основните механизми кои предизвикуваат деменција“.

„Тие даваат апокалиптични проекции кои не придонесуваат за препорачливи промени во животниот стил во текот на животот“, рекоа Шварцингер и Дуфуил во заедничкиот коментар на истражувањето.