Демант од „Бин бин“ скутер по објавен текст


По објавата на текстот „’Бин Бин’ замина од Скопје? Тротинетите може секој да ги вози без да плати и ако има батерија“ во „Независен“ од компанијата стигна демант кој го објавуваме во целост и се извинуваме за евентуално нанесената штета. 

„Ви се обраќам од името на Друштво БИН БИН СКУТЕР ДООЕЛ Скопје, а по повод текстот
објавен на ден 11.04.2025 година на Вашата веб страна www.nezavisen.mk под наслов
‘Бин Бин замина од Скопје? Тротинетите може секој да ги вози без да плати и ако има
батерија’.
Имено, ова наше обраќање преставува категоричен демант на информациите кои се
пласирани во објавениот текст бидејќи истите не се точни, создаваат забуна во јавноста
и штетат на угледот и деловните активности на компанијата.
Друштвото БИН БИН СКУТЕР ДООЕЛ Скопје сѐ уште активно ја врши дејноста за која е
основано и понатаму континуирано ги става на располагање услугите за изнајмување
на електрични тротинети за граѓаните на Градот Скопје, на начин и под услови како и
до сега, без пречки и застој.
Целосно ја демантираме информацијата која ја објавивте дека ‘Бин Би’ заминал и
дека тротинетите останале расфрлани по улиците како и дека додека имаат батерија
секој може да ги вози.
Услугата за користење на електричните тротинети може да ја користи само лице кое на
својот мобилен телефон има инсталирано мобилната апликација и поседува еден од
методите на плаќање за услугата односно преку банкарска картичка или преку припејд
кредит кој се уплаќа во виртуелниот новчаник на корисникот на самата апликација.
Тротинетите може да се користат само откако ќе бидат активирани преку апликацијата,
додека по завршувањето на возењето корисникот е должен во рамки на мобилната
апликација да испрати фотографија од тротинетот во непосредната околина, како би
можело да се утврди дека тротинетот не е позициониран на начин на кој создава
пречки во автомобилскиот сообраќај или пешачките зони.
Компанијата ‘Бин Бин’ и понатаму ја продолжува соработката со ЈП ‘Градски паркинг’ и
има активни договори за користење на простор за поставување на паркинг станици за
електричните тротинети и ги исполнува сите услови за обавување на дејноста согласно
позитивните законски прописи.
Истовремено, сметаме дека делот од текстот кој инсинуира дека со проверка на
интернет се доаѓа до податокот дека услугата е потполно недостапна, го оценуваме
како манипулација со факти, а причината за тоа ни останува нејасна. Доколку авторот
на текстот или вашиот портал имал волја да ги утврди фактите на вистинит и
транспарентен начин, тоа можел да го стои многу лесно на начин што ќе се обрати до
нашата компанија за добивање информации, како што тоа го сторил со обраќање до ЈП
‘Градски паркинг’, МВР и Градот Скопје. Фактот дека изнајмувањето на тротинетите е
услуга која ја нудиме како и до сега без никакви промени се проверува многу лесно и
не остава простор за шпекулации.
Содржината на објавениот текст ја сфаќаме многу сериозно бидејќи нанесува штета на
угледот на компанијата и едноставно шири дезинформации во јавноста кои многу
лесно можат да резултираат со оштетување на имотот на ‘Бин Бин’, во обиди за
користење на тротинетите без нивно соодветно активирање преку мобилната
апликација.

Од тие причини, бараме пред сѐ да го објавите овој демант и да ја информирате
јавноста дека претходно пласираните информации не се точни, јавно да се извините и
оригиналниот текст да го повлечете“, се вели во демантот од „Бин бин скутер“.