Декларација на Стопанската комора: Бизнисот бара враќање од партиска кон државна агенда

Неповолните состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитување на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес, вели Азески


Стопанската комора на Северна Македонија денеска, на 100-годишнината од формирањето на првата коморска организација на нашата територија, укажа на алармантната состојба во која што се наоѓа бизнисот и земјата во целина и објави „Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики, мерки“ со која побара враќање од партиска кон државна агенда. Претседателот на Комората, Бранко Азески предупреди дека мултикризната состојба ќе кулминира веќе во септември и дека е крајно време да се преземат мерки за да се превенираат тешки последици по бизнисот и по државата во целина.

„Цениме дека е ова критичен момент во мултикризната ситуација во која се наоѓаме, а тоа е политичка, енергетска, здравствена и финансиска криза“, рече Азески. „Сите предвидувања се дека сите тие кризи ќе се сретнат некаде во септември и ќе извршат огромен притисок врз општеството, на светските пазари, на целата економска ситуација во светот и заради тоа мислиме дека е клучен момент да се преземе една програмирана активност на државата за да им се помогне и на граѓаните и на бизнис секторот“, додаде тој образложувајќи зошто комората носи ваква декларација во овој момент.

Во Декларацијата за општествен консензус за економски реформи политики и мерки се посочува дека од осамостојувањето на земјата наваму, македонската економија оствари разочарувачки бавен раст.

„Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно годишно, реалниот раст на бруто домашниот производ изнесува само 1,7 отсто што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на Европската унија. И покрај тоа што јавниот долг на Македонија многу се зголеми, од 23 отсто во 2008 година на 54,9 отсто во март 2022 година, со тоа речиси достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, задолжувањето на обезбеди побрз економски раст“, се вели во Декларацијата.

Притоа, се додава дека маневарскиот простор за нови задолжувања се стесни, и земјата се соочува со ризикот да стане презадолжена  доколку трендот на задолжување продолжи, Македонија не успеа да го реформира својот образовен систем и не продуцира кадри со знаење и вештини  што ги бара пазарот на трудот и новото време. Во текот на три децении Македонија не успеа да го заокружи квалитетно инфраструктурно поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји.

Поради отсуство на конзистентен пристап земјата остана високо зависна од увоз на енергенти, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.

„Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитување на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Ова е неодржлива ситуација и на долг рок води кон економска пропаст на земјата. Затоа бизнисот бара враќање од „партиска“ кон „државна агенда“ која е образложена во следната точка“, се нагласува во Декларацијата.

Во овој документ де додава дека ако се точни ваквите констатации, тогаш политичките партии во државава треба да склучат еден нов рамковен договор, а тоа е договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, а тоа да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

„Само со ваков пристап бизнис секторот во Македонија ќе може да работи во амбиент кој што е стабилен, предвидлив и долгорочно ориентиран. Во вакви околности, ќе има големи инвестиции на приватниот бизнис сектор , отворање на нови работни места и забрзување на растот на македонската економија“, се вели во Декларацијата.

Документот, доколку биде прифатен од политички партии, ќе биде понуден за потпишување на сите други добронамерни субјекти кои сакаат прогрес на нашата држава и спречување на одлив на млади луѓе од земјава, посочи Азески кој додаде дека комората се одлучи на ваков потег, ценејќи дека „мултиплицирањето на низа проблеми во тесен временски период може да го загрози опстојувањето на бизнисите, а со тоа и на Република Северна Македонија“.

Азески нагласи дека компаниите се наоѓаат во исклучително тешка ситуација за што информирале многу пати до сега, како домашните, така и странските кои што се организирани во рамките на Стопанската комора.

„Тоа значи дека единствена е нивната оценка дека енергетската криза и другите кризи практично ја исцрпеа нивната кондиција и од овој момент тие се наоѓаат во една навистина алармантна ситуација, како ќе се соочат со состојбите кои што ќе бидат предизвикани во текот на зимските месеци, затоа што и најзначајните и најголемите земји во Европа и во светот, преземаат радикални активности кои што значат признавање дека се наоѓаат исто така во исклучително тешка ситуација“, рече Азески.

Тој додаде дека Стопанската комора секогаш оценките  ги дава „од – до“ така што и нивните проекции во разговорите со владата се од најлесните до најтешките позиции кои што можат да настанат.
„Стопанската комора е водечка бизнис асоцијација со огромен потенцијал и сметаме дека нејзиниот глас изразен со оваа декларација треба да се слушне и да се почитува затоа што  во него е содржано мислењето на илјадници компании, на илјадници водечки кадри во државата и создава најголема вредност во општеството“, рече Азески.

Тој вели дека нивното мислење и до сега било слушано, но не било имплементирано, па затоа фокусот сега ќе биде да се изнајде методологија тоа да се направи на поинаков начин, организирани и здружени со сите чинители на економската политика во државата, почнувајќи од МАНУ, универзитетите, синдикатите, невладиниот сектор, медиумите со цел декларацијата да биде имплементирана.

Во однос на состојбите во економијата, Азески нагласи дека со просечен раст од 1,7 отсто од кој што не можеме да излеземе, не може да се очекува справување со кризата на начин кој што е потребен да се задржи кондицијата на македонскиот бизнис.

„Македонската економија во овој период не успеа да се наметне над политичките структури во државата и да го диктира темпото и мислам дека сега на сите им е јасно по 30 години дека тука треба да се направи клучното свртување во кое што не бизнисот да се третира дека е тој ‘све и свја’ создавајќи нова вредност и општествена вредност во државата, туку да биде респектирани неговото мислење спрема значењето во испорачувањето на резултатите во општествениот прогрес“, рече Азески.

Тој посочи дека моменталната ситуација и актуелните кризи бараат еден многу одговорен однос на државата кој што за сега изостанува и кој е дефиниран во втората и во третата точка во која што се бара враќање на партиските кон државните агенди формулирајќи неколку прашања кои што приоритетно можат да релативизираат ударот и да ја релаксираат ситуацијата во Македонија.

„Тоа значи дека ние полека се претвораме во партиска држава и заради тоа ако тој процес продолжи, констатираме дека државата ќе дојде во критична состојба“, рече Азески додавајќи дека треба да се прекине со наметнување на партиските интереси, а партиските интереси ќе се надминат само ако се седне на маса и се утврдат приоритет во државата во кои што ќе партиципираат сите субјекти во тој процес кои што се застапени во Собранието.

„За да се оствари тоа мислиме дека е потребно да се седне и државата со наша поддршка со еден целосен концепт кој што ние го форсираме од 2010 година како нов модел на економски развој, со цел од оваа криза да излеземе уште посилни со поголем капацитет, а за тоа е потребен општествен консензус кој мора да биде заснован на нашата определба да останеме на патот на евроатланските интеграции, да работиме на создавање на правна држава, да го реформираме правосудството, да ги почитуваме и индивидуалните и колективни права бидејќи тие се во основа за функционирање на бизнисот“, рече тој.

Во спротивно, како што нагласи, бизнисот и понатаму ќе биде изложен на овие искривоколчени вредности кои што почнаа да завладуваат во општеството и практично да ги бркаат младите луѓе од државата, што отвора друг акутен проблем со кој се соочуваат компаниите, а тоа е проблемот со кадарот кој што во овој момент на мултикризна ситуација е најизразен и со кој секојдневно се борат.

Тој додаде дека Декларацијата е само почетна основа со цел да се покаже и да се повикаат сите субјекти на одговорно однесување во наредниот период.

„И за нас во комората резултатите се изненадувачки – декларацијата веќе во периодот на усогласувањето ја потпишаа преку 150 компании, како и МАНУ, Американ колеџ, Организацијата на работодавачи и нашиот најголем конкурент Сојузот на стопански комори. Таа кохезија која е создадена внатре во бизнис секторот и сега пренесена во општествената надградба“, рече Азески додавајчи дека на крајот ќе се разговара со политичките чинители кои што се застапени во Собранието и формираат влада и кои што најмногу влијаат на креирањето на економската политика.

На прес конференцијата беа поделени и првите примероци од Монографија за личностите и настаните  од македонскиот бизнис кои ги одбележаа последните 25 години од 100 години коморско работење. 

 Исто така, како што беше соопштено, средствата првично планирани за прославата по повод 100 годишнината ќе бидат уплатени на сметката на Фондот наменет за финансиска поддршка на процесите за дигитализација во компаниите при Комората во кои партиципираат и македонската Влада и Хелветас Швајцарска Интеркооперација, по што ќе се даде пример и за приоритетите на нашето дејствување во наредниот период. (M.J.)