Декларација на поранешни лидери од регионот, побараа храбри политички одлуки од ЕУ
Европската унија и нејзините лидери да ја одржат отворена кредибилната перспектива за пристапување врз основа на строги, со правични критериуми за пристапување во согласност со поединечните заслуги и постигнувања на секоја држава. Таков повик упатија во заедничка Декларација поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски и поранешните претседатели на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Алфред Мојсиу и Реџеп Мејдани, на Хрватска Стипе Месиќ, на Словенија Данило Тирк, на Косово Фатмир Сејдиу, поранешните премиери на Хрватска Јадранка Косор и на Србија Мирко Цветковиќ, како и поранешниот претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија.
Во Декларацијата што ја потпишаа во рамки на регионалната конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ присутните членови од Подгоричниот клуб ја нагласуваат важноста да се задржи позитивната динамика во процесот на проширување, преку донесување стратешки одлуки во однос на сите земји кои се веќе во процес на преговарање, потоа во однос на земјите кандидати и земјите потенцијални кандидати.
Во овој контекс, се нагласува во Декларација, од суштинска важност е да се донесе одлука за определување датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Да истакнеме дека натамошнто одложување на донесувањето на овие одлуки во соврменето геополитичко и геоекономско опкружување би можело да има особено негативно влијание врз развојот на настаните и на внатрешен план во самите држави, но и во целиот регион, стои во Декларацијата и се додава дека сите сме сведоци на предизвиците во однос на светскиот поредок заснован на поделени демократски и општетсвени вредности и можното негативно влијание на таквите предизвици врз Западен Балкан.
Ретроградните политики на поделби спротивни на регионалната соработка, се посочува во Декларацијата, кои им даваат поттик на изолационизмот, политиката на одвраќање, и кои се темел на пупулизам, за жал, не се само далечно историско минато и претставуваат сериозна закана за Западен Балкан.
– Ваквите идентитаристички политички идеи се чини дека повторно се стекнуваат со растечка глобална релевантност, заканувајќи се со тоа уште повеќе да го поткопаат концептот на споделени вредности и мултилатерализмот, демократските норми и индивидуалните права и слободи, заклучија учесниците на денешната конференција.
Тие изразија подготвеност да дадат се од себе за да спречат Западен Балкан повторно да стане жртва на ретроградните идеи и трендови.
Во Декларацијата ги повикуваат ЕУ и сите релевантни меѓународни актери кои го промовираат мултилатерализамот, да ги поддржат нивните напори, да ги увидат предизвиците, и да помогнат да се одбрани европскиот наратив на проширување и интеграција и тоа, не само преку бирократските норми на пренесување на европското законодавство, туку и со храбри и далекусежни политички одлуки.