Дејвид Гир вели дека ЕУ не размислува за промена на преговарачката рамка

Според амбасадорот на ЕУ од некои коментатори погрешно е протолкуван начинот на којшто беше донесена одлуката за преговори со Украина и „кафето на Орбан“


Евроамбасадорот ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ дека ако е за ЕУ и за преговори тогаш е јасно што треба да направи

 

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, изјави дека пристапните преговори на Македонија со Унијата се веќе отворени во јули 2022 и дека сега треба да се направи уште следниот чекор – уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка. Во интервју за МИА тој ги отфрли споредбите со „кафето на Орбан“ кога се носеше одлуката за преговорите на ЕУ со Украина и Молдавија, велејќи дека тоа се погрешни толкувања. „ЕУ не размислува за повторно отворање на преговарачката рамка“, дециден е Гир и нагласува дека чекорот за Македонија да продолжи кон ЕУ е „суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце“.

„Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката (за Украина). За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27“, вели Гир.

Во однос на можноста за измена на Преговарачката рамка, тој вели:

„Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и тие беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат“, нагласува евроамбасадорот.

Тој ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ дека ако е за ЕУ и за преговори тогаш е јасно што треба да направи. Одговарајќи на прашањето дека Мицкоски во континуитет вели дека откако ќе дојде на власт ќе бара друго решение. Какво друго решение би можело да има?, Гир вели:

„Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето“.