Дефицитот понизок за 117,6 милиони евра во однос на планот, реализација на капиталните инвестиции од 88 отсто во 2022


Фото: Б. Грданоски

 

Во 2022 година вкупните приходи се реализираа со високи 99 отсто од проекцијата, додека расходите се нешто пониски од очекуваното. Буџетскиот дефицит е понизок за 117,6 милиони евра во однос на проектираното, или во споредба со претходната, 2021 година, за 8,7 отсто, со што е на зацртаната патека на фискална консолидација, соопштија од Министерството за финансии.

Реализацијата на капиталните расходи е 88 отсто, или за над 85 милиони евра повисока во однос на 2021 година, додека во текот на минатата година е остварен рекорден поврат на ДДВ повисок за 208 милиони евра во однос на претходната година.

„Наплатата на давачките одеше согласно планираното, дури кај некои од даноците имавме значително натфрлање во однос на проекциите, како кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка со 105,4 отсто и 117,8 отсто реализација, респективно. Во 2022 година остварени се вкупни приходи од 243,1 милијарди денари, а реализацијата е многу блиска со проекцијата и изнесува 98,92 отсто. Вкупните приходи се повисоки за 11,5 отсто во однос на 2021 година“, вели министерот за финансии Бесими и посочува дека ова во голема мерка се должи на даночните приходи и придонесите, кои минатата година се реализирани со високи 99,3 отсто, или 220,2 милијарди денари, односно за 12,2 отсто повисоко во однос на 2021 година.

Реализацијата на даноците е 99,7 отсто или 140,5 милијарди денари. Реализацијата кај ДДВ е 94,6 отсто, а блиска е реализацијата и кај акцизите со 94,7 отсто. Наплата на даноците во 2022 година е за 13,1 отсто подобра во однос на претходната година, со најголемо натфрлање кај данокот на добивка за 45,1 отсто, но и подобра реализацијата кај данокот на личен доход за 16,1 отсто и на ДДВ за 11,3 отсто во однос на 2021 година. Повратот на ДДВ во 2022 година е повисок за 42,7 отсто во однос на претходната година, додека во однос на 2020 и 2019 е повисок за над 70 отсто.

Реализацијата на придонесите е 77,62 милијарди денари или 98,8 отсто од очекуваното, што во најголема мера се должи на придонесите од плати за пензиско и инвалидско осигурување со наплата од 50,6 милијарди денари. Придонесите се повисоки за 9,9 отсто во однос на 2021 година.

Натфрлена е реализацијата и на неданочните приходи со 101,3 отсто или 17,27 милијарди денари.

„Минатата година редовно и навремено ги сервисиравме сите обврски, а дополнително беа одвоени средства за антикризни мерки, за поддршка на граѓаните и на стопанството. Вкупните расходи се реализирани нешто пониско од проектираните и истите изнесуваат 278,59 милијарди денари или 96,57 отсто од проекцијата, со што и буџетскиот дефицит е понизок од проектираното. Тековните расходи се остварени со 97,67 отсто. Расходите за плати и надоместоци се реализирани со 98 отсто, додека за стоки и услуги 87,9 отсто, каде се рефлектираат и донесените мерки за штедење. Трансферите се реализирани со 98,8 отсто“, вели министерот Бесими.

Капиталните расходи на крајот од 2022 година имаат реализација од 87,9 отсто или 28,64 милијарди денари и се повисоки за 22,3 отсто во однос на 2021 година.

„Дефицитот е реализиран со 83 отсто од планираното, односно околу 35,500 милијарди денари, што е за 7,23 милијарди денари пониско во однос на проектираното за 2022 година. Дефицитот е понизок за 3,4 милијарди денари или за 8,7 отсто помалку во однос на лани. Ова е согласно нашата определба како Влада секоја година постепено да го намалуваме буџетскиот дефицит во функција на фискална одржливост“, вели министерот Бесими.

Инаку, денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оцени дека капиталните инвестиции се на кататстрофално ниско ниво, обвинувајќи дека владата нема капацитет за проектен менаџмент.

„Од Владата се фалат дека реализирале историски високо ниво на капитални инвестиции минатата 2022 година, но тука забораваат да кажат дека најголемиот дел отпаѓа на ратата која што се плати за борбените оклопни возила кои што се купија“, рече Мицкоски при посетата во Неготино.

Според него, еден ден пред завршувањето на годината, состојбата била повеќе 605 милиони евра буџетски дефицит и 465 милиона капитални инвестиции, што значи разликата е буџетскиот дефицит, е поголем за 140 милиони евра од нивото на капиталните инвестиции, што укажува дека не се почитува т.н. златно буџетско правило според кое капиталните инвестиции треба да се поголеми од буџетскиот дефицит.