Децата со попреченост ќе изучуваат специјална „Build-Up“ програма со „Лего“ коцки


Поттикнување на комуникација, концентрација, логичко размислување, развој на фината моторика, упорност, истрајност, независност, одговорност, стекнување со стратегија како децата сами да дојдат до целта, разбирање на процесите, способност за заедничка работа со врсниците, способност за вклучување во игра со правила, емоционална контрола и вештина за снаоѓање во различни ситуации, се само дел од целите кои се предивдени во текот на работата со деца со намалено внимание и аутистичен спектар на нарушувања, преку едукативната програма „Build-Up“ на Young Engineers со „Лего“ коцки.

Имено, Young Engineers од Скопје, Филозофскиот факултет, преку Институтот за специјална едукација и рехабилитација, како и Здружението „Во мојот свет” потпишаа Меморандум за соработка, со кој трите страни се согласуваат дека програмата „Build-Up“ ќе може да едуцира и да се применува кај деца со попреченост.

Оваа иновативна програма започнува од октомври 2019 година и ќе се следат резултатите од практикувањето на овој пристап.

– Како застапник на официјалните програми за интердисциплинарно изучување на наука, технологија, инженерство и математика со „Лего“ коцки на Young Engineers во нашата земја и прва лиценца на Балканот од 2017 година па наваму, многу ни е важно да понудиме еднаква можност за сите деца да бидат дел од оваа стимулирачка програма во нивниот развој, а особено сакаме да истакнеме дека програмите се и инклузивни. Покрај овие иницијативи, Young Engineers Скопје има и редовни програми во текот на школската година, за кои во моментов имаме отворени уписи за сите заинтересирани деца и родители кои ја препознаваат вредноста на ваквата интернационална, наградувана и статистички проверена едукација, изјави Сашка Теодосиевски, основач и директор на Young Engineers Скопје.

Според доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација од Филозофски Факултет, програмата „Build Up“ за деца со попреченост, а особено кај деца со аутистичен спектар на нарушување, може да биде корисна и во функција на подобрување на третманот.

– „Лего“ коцките ги препознаваме како убава алатка во усвојување на социјални вештини градење и решавање проблеми.Специјален едукатор и рехабилитор од тимот ја помина обуката и ја спроведе едукацијата на децата опфатени со третман во центарот. Програмата „Build Up“  е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава. Последната фаза од програмата предвидува соработка, што е многу важна вештина кај децата со аутистичен спектар на нарушувања. Соработката во текот на работата со лего коцки, децата подоцна ја пресликуваат и во реална средина. Децата најдобро учат низ игра. Кај половина од децата има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација, истакна Станојковска-Трајковска.