Децата порачаа: Сакаме воздух! – Најброен протест против Вардариште

Со транспарнети во рацете, свирежи и повик за чист воздух и вечерва се одржа протест на жители на Аеродром, кои бараат што поскоро да се реши проблемот со Вардариште, кое постојано им ја труе населбата.
„Сакаме воздух!“, извикуваа учесниците, кои од крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“ и вечерва маршираа до пред зградата на општината.
Децата беа најбројни и најгласни. Гордо ги носеа транспарентите, што претходно сами ги напишаа.
„1 од 9 деца умираат од загаден воздух“, „Дојди на блокади – аир (air) да видиш“, „Премиерот дише ист воздух или има друг“, се дел од транспарентите кои ги носеа децата и возрасните.
Неколку пораки беа испратени до надлежните, до сите власти – сегашни и поранешни – но, и кон оние кои допрва треба да дојдат: „Скопје не го даваме. Сакаме чист воздух одма – не по избори!“, порачаа насобраните.
Секојдневно, веќе две недели граѓани на Аеродорм се собираат на блокада, а вечерва беа најбројни. Полна беше десната страна на булеварот „Србија“, од мостот до паркот „Јане Сандански“.
Оние кои поминуваа со автомобили по спротивната лента ги поздравуваа и ги поддржуваа насобраните со свирежи од автомобилите.
На крајот на протестот порачаа дека нема да сопрат додека не се најде решение за Вардариште, а закажаа ист марш и за утре во исто време. „Се гледаме на блокади – секој ден од 18 часот!“.