ДДВ-то за горивата се намалува на 10 отсто – наместо 10 денари, дизелот ќе поскапи до 3,5 денари
Владата води разговори со компанијата ОКТА за зголемување на попустот кој го дава кон трговците
Владата денеска на вонредна седница донесе пакет мерки со цел да се спречи драстичен скок на цените на горивата на македонските бензински станици. По завршувањето на седницата, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека главната цел е да се заштити стандардот на граѓаните во услови кога цените на светските берзи растат поради кризата на Блискиот Исток. Решено е да се намали данокот на додадена вредност од 18% на 10%, со што цената на бензинот останува непроменета, а на нафтата да се зголеми од 3 до 3,5 денари од литар.Според него, врз основа на движењата на светските берзи, се очекувало бензините од 95 и 98 октани да поскапат за околу 6,5 денари по литар, додека дизелот би можел да достигне зголемување од 10,5 денари по литар.
„Доколку се постигне договор, очекуваме цените да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија“, рече Мицкоски.
Владата очекува Регулаторната комисија да ја земе предвид донесената одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, со што нема да има значително зголемување на цените на бензините, а дизелот ќе се движи во рамки на предвидените пресметки.
„Цената на бензините ќе се движи од 1,37 до 1,44 евра за литар, а дизелот од 1,52 до 1,55 евра за литар, што е убедливо најниска цена во регионот“, истакна Мицкоски.
Дополнително, Владата води разговори со компанијата ОКТА за зголемување на попустот кој го дава кон трговците, што би можело да влијае на дополнително намалување на цените.
Тој направи споредба со соседните земји, посочувајќи дека во Србија бензинот достигнува до 1,83 евра по литар, дизелот околу 1,8 евра, во Хрватска до 2 евра, додека во Грција и Албанија цените се околу 1,9 евра по литар.
Тој нагласи дека со овие мерки граѓаните би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно, имајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво во земјата.
„Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза“, додаде премиерот.
Според него, Македонија има најниски цени на горивата во регионот. Намалувањето на ДДВ-то, рече тој, е најбрз начин да се влијае на цените.
„Во време на криза никој нема прави да прави профит на грбот на граѓаните“, рече Мицкоски најавувајќи санкции на секој што ќе се обиде тоа.
Тој даде детален одговор на прашањето зошто Владата го избра моделот на намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти, наместо барањата за намалување на акцизата. Според премиерот, главната пречка за акцизата е законската регулатива, додека ДДВ-то нуди побрза и подиректна помош за граѓаните.
Мицкоски појасни дека акцизата е фиксна давачка регулирана со закон и нејзиното менување бара долги собраниски процедури кои не можат да одговорат на итноста на кризата.
„Акцизата е фиксна категорија регулирана со закон и нејзиното менување во услови на ваква брза криза е покомплексен процес. Од друга страна, ДДВ-то е варијабилно и со неговото намалување на 10%, а понатаму и на 5% доколку има потреба, директно го амортизираме ценовниот шок без да ја загрозиме фискалната стабилност на подолг рок“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека Владата претпочита мерки кои веднаш ќе се рефлектираат на бензинските пумпи, наместо популистички предлози кои би заглавиле во лавиринтите на бирократијата.
Тој додаде дека и натаму внимателно се следат светските берзи, залихите и безбедносната состојба, особено во контекст на случувањата на Блискиот Исток, со цел навремена реакција.
„Имаме повеќе алатки на располагање – акцизи, маржи, државни интервенции. Но, суштината е дека реагираме навреме за да не дозволиме шокови како во минатото“, нагласи премиерот.
Мицкоски посочи и дека дополнителен притисок врз домашниот пазар создава зголемената потрошувачка од странски државјани, која достигнува до 150.000 литри дневно, односно околу 9 до 10 проценти од вкупната потрошувачка.
Според него, енергетската состојба во моментов е стабилна, но Владата останува во постојана готовност да интервенира доколку се појават нови ценовни шокови.
„Не сме реактивни, туку проактивни. Ги предвидуваме ризиците и преземаме мерки навреме“, порача Мицкоски.
Според премиерот, електроенергетскиот систем во Македонија е стабилен.Во моментов во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК Битола, додека залихите на јаглен изнесуваат околу 80 илјади тони во Битола и 160 илјади тони во Кичево. Акумулациите се исполнети околу 40 проценти, што, според премиерот, би било доволно за производство на електрична енергија во период од околу еден месец дури и во случај на прекин на други извори.