Давид против Голијат: Колкава е разликата во воената моќ меѓу Русија и Украина


Со оглед на тоа што Русија започна инвазија врз Украина, едно од клучните прашања во моментов е актуелно колку навистина може да се споредува воената моќ меѓу двете земји. Не треба да се има премногу знаење за актуелните настани за да се заклучи дека Русија е воено супериорна, но еве ги бројките.
Русија има поголема воена огнена моќ од Украина на сите полиња, вклучувајќи ги копнените, воздушните и поморските сили.

Руската војска има 900.000 активни воени лица, наспроти 196.600 украински активни војници. Ова ја одразува пошироката воена доминација што произлегува од одбранбениот буџет на Русија, кој далеку го надминува оној на Украина.

Нерамнотежата меѓу армиите на двете земји е најголема на море, а Русија има 10 пати поголем број на поморски персонал. Руската морнарица има 74 воени бродови и 51 подморница, во споредба со само два украински воени брода, пишува Скај њус, пренесува порталот Зимо.

На копно, рамнотежата е повидлива. Руската армија се состои од 280.000 војници наспроти украинската 125.600.
Украина има и 900.000 резервни воени лица или оние кои поминале воена обука во последните пет години, во споредба со два милиони руски резервен воен персонал.

Иако овие соодноси се околу 2,2:1 во корист на Русија, Русите се многу подобро позиционирани кога станува збор за воената опрема.

Имаат повеќе од три пати повеќе артилерија, шест пати повеќе тенкови и речиси седум пати повеќе оклопни возила од Украинците.
Слична приказна има и во воздухопловните сили: Русија има 10 пати повеќе јуришни авиони и хеликоптери.

Украинците имаат повеќе од 400 противвоздушни ракетни системи кои би можеле да гаѓаат авиони, но тоа е само една десетина од бројот на противвоздушни ракетни системи што ги има Русија.

Русија има силна предност и со оружјето со долг дострел, поседувајќи повеќе од 500 копнени балистички ракетни системи.

Некои аналитичари сметаат дека рускиот напад би можел да се потпре на оружје со долг дострел, како што се крстосувачки ракети, за да ги гаѓаат клучните украински локации од далечина.

Во последните неколку недели, земјите од НАТО ја снабдуваат Украина со дополнителна „смртоносна помош“, како што е британското снабдување на украинската армија со 2.000 противтенковски оружја. Сепак, иако ваквите пратки се дизајнирани да ја „поскапат“ секоја руска инвазија, малкумина експерти веруваат дека ова оружје ќе го промени непосредниот исход од рускиот напад.