Даути тврди дека во согласност со Деловникот го блокира Законот за бранителите
Илире Даути, пратеничка на „Европски фронт“ и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска во изјава за медиумите истакна дека интерпелацијата поднесена за неа од пратениците на Левица не ја гледа како персонална против неа, туку, како што рече, како војна против лицата кои се борат за еднаков третман за сите граѓани.
-Треба да бидеме преокупирани со интерпелацијата, бидејќи никогаш порано досега не се случило такво нешто. Мислам дека тоа нема да биде во ред за демократијата, за луѓето кои бараат еднаквост за сите граѓани. Интерпелацијата не ја гледам како персонална против мене, туку, една војна против лицата кои се бораат за еднаков третман за сите граѓани, во овој случај и против другата страна поранешните војници на ОВК кои учествувале во воениот конфликт во 2001 година, рече таа.
Даути потенцира дека таа досега работела во согласност со Деловникот за работа на Собранието.
-Важно е што во текот на целото мое работење јас сум работела во согласност со Деловникот на Собранието и ова го направив и денеска. Ако јас прифаќам предлози на кои веќе им поминале временските рокови, тогаш јас би одела во спротивно со Деловникот на Собранието, рече пратеничката Даути.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во понеделникот почна со разгледување на интерпелација против претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од пратениците од Левица. Од Алијансата за Албанците на Зијадин Села веднаш побараа тој итно да се повлече од разгледувањето на интерпелацијата.
Од Кабинетот на Гаши посочија тогаш дека тој нема дискреционо право да ги блокира интерпелациите – тој е должен да ги проследи на натамошна постапка, како што се случи пред неколку месеци кога лично против него беше иницирана интерпелација.
-Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја уверува јавноста дека сите собраниски процедури се одвиваат во целосна согласност со Деловникот, Уставот и законите. Интерпелацијата против Илире Даути е една од петте интерпелации кои моментално се во тек, заедно со тие против министерот Меџити, заменик-министерот Исени, министерот Тошковски и министерот Стоилковиќ. Важно е да се напомене дека, согласно собраниските процедури, резултатот од интерпелацијата нема да влијае на позицијата на Даути како претседател на Комисијата која ја води, се вели во реакцијата од Кабинетот на Гаши.
Од Алијансата за Албанците на Села тогаш во соопштение посочија дека нелегитимната коалиција ВЛЕН и претседателот на Собранието Африм Гаши се здружиле со Левица против претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, за да го деблокираат законот за бранители.