„Дата мастерс“: Која е македонската компанија што работеше на здравствениот систем во Абу Даби

Нашата мисија е да покажеме дека Македонија има знаење да понуди решенија и да се носи со големите светски консултантски компании, вели Филип Петровски


 

Педесет вработени, 60 клиенти во разни делови на светот, работење со вештачка интелигенција, обработка на податоци…, накусо станува збор за „Дата мастерс“, млада компанија, но една од најуспешните според достигнувањата кои што ги има направено за само пет години од основањето. Еден од проектите на кои што работеле, а кој што денес го посочи и премиерот Димитар Ковачевски при неговата посета на компанијата, е проектот за здравствениот систем во Абу Даби.

„Тие се многу скромни и нема да кажат, но ако го видите здравствениот систем, еден од најдобрите во светот во менаџирањето со здравствените системи, а тоа е еден од Обединетите Арапски Емирати, на Абу Даби, тогаш целиот систем е направен тука во оваа зграда. За тоа морам да им честитам и на сопствениците и на нивните вработени“, рече Ковачевски

Филип Петровски, еден од тројцата партнери во компанијата (покрај Дарко Велков и Мартина Наумовска) вели дека „Дата мастерс“ е првата и во моментот најголемата консултантска компанија кај нас која што се занимава со вештачка интелигенција и со обработка на податоци.

„Нашата мисија е да покажеме дека Македонија има знаење и искуство да понуди ‘стејт оф ди арт’ решенија и да се носи со големите консултантски компании во Европа и во светот. Нашата мисија како партнери и како тим, кои што повеќето сме вратени во Македонија, е да покажеме дека имаме знаење и дека тука можеме да ја развиваме една од најголемите и во моментов најтренди индустрии во светот“, вели Петровски, додавајќи дека се благодарни на партнерите во Македонија и во светот кои што им дале шанса и кои што ја препознале нивната амбициозност.

Петровски  вели дека кога пред шест-седум години се врати во Македонија од Португалија, каде што има завршено постдипломски студии и работел во тамошни компании, во земјава буквално имало десетина луѓе кои што го работат тоа што го работел тој од кои што седум биле во Телеком.

„Кога пред пет години почнавме со ‘Дата мастерс’, го имавме истиот проблем, заедно со Мартина направивме академија во која до денеска поминаа над 600 луѓе. Нашата цел не е да бидеме академија, ние сме сепак пред сѐ консултанти, но целта ни е да направиме пазар, да ја подигнеме свесноста за користењето на податоците во Македонија, затоа што само така кога ќе излеземе и ќе станеме едно со Европската унија и со сите компании во ЕУ, компаниите ќе бидат спремни со целата аналитика“, вели тој.

Петровски посочува дека во Македонија има многу компании кои што се „за поздрав“ и кои што инвестираат сериозно во свои капацитети, во свои луѓе и пазарот во моментот се развива.

„Меѓутоа, да кажам дека има кадар колку што сакаме, тоа не е баш така. Но драго ни е што од година во година се развива пазарот и бројот на луѓе кои што се професионалци во оваа област“, вели тој.

Ковачевски не го криеше задоволството што во земјава постои компанија која може да се носи со конкуренцијата во Европа и во светот. За Петровски вели дека е „еден од нашите најдобри амбасадори во светот“

„Покрај тоа што има компанија тука во Македонија, тој е исклучително признат и во Европската унија, каде што се стекна и со мастер“, вели Ковачевски.

Компанијата „Дата мастерс“ работи на вештачка интелигенција, на управување со податоци, системи за складирање (дaта верхаус системи) и дата мајнинг системи…

„Значи, ако треба да најдеме четири-пет области кои што се дел од четвртата индустриска револуција, тоа се тие области и тие области се работат точно во оваа компанија“, рече Ковачевски, додавајќи дека со Дарко, еден од сопствениците, имале разговори пред повеќе од една деценија за тоа каде е иднината.

„Тој знаеше дека иднината е токму во овие области. За пет години од нула вработени, компанијата прерасна во компанија со 50 вработени“, рече Ковачевски.

Како што нагласи, она што го радува, меѓутоа и што потврдува е дека доколку се инвестира во вистински индустрии тогаш наши млади стручни се враќаат во земјата.

„Ако се качите во нивните преубави простории ќе видите наши вработени инженери кои што работеле во Грција, во Португалија, во Виена, во Германија, и уште работат таму и кои што работат на проектите кои што ги има оваа компанија“, рече Ковачевски.

Компанијата има 60 клиенти низ целиот свет – работат за клиенти од Абу Даби, Лисабон, каде што имаат канцеларија, потоа во САД…

„Останува Африка за освојување, и верувам дека ќе се случи и тоа“, рече Ковачевски додавајќи дека „ако нешто е големо во Македонија во моментот, тогаш вакви компании се големи и потврдуваат дека Северна Македонија е конкурентна на светскиот пазар“.

Тој посочи дека компанијата користела и државна помош, како и дека разговарале дека законот кој што Владата го има донесено за поддршка на инвестициите, е добар.

„Веќе имаат искористено финансирање според овој закон со кои што го унапредуваат своето работење, го зголемуваат бројот на вработените и ја зацврстуваат својата пазарна позиција. Она што ме радува е што голем број компании препознаваат тоа што го работат и какви бенефиции и корист можат да имаат нивните клиенти. Сѐ повеќе македонски компании се вклучуваат во користењето на услугите кои што ги прават“, рече Ковачевски.

Зборувајќи за државната помош за компаниите  премиерот рече дека како влада продолжуваат да поддржуваат домашни компании. Годинава има рекорден број на апликации за поддршка на инвестициите, вкупно 467 апликации.

„Минатата година мислевме дека е рекордна, меѓутоа оваа ја надмина за две третини, според бројот на компании кои што аплицираат. Веќе се потпишани 269 договори со компании за инвестирање, за зголемување на нивните производствени и услужни капацитети. Најголем број од компаниите се токму од областите во кои што работи ‘Дата мастерс’ и сметам дека Владата мора и е партнер токму на вакви инвестиции и на развојот на вакви компании кои што потврдуваат дека имаме наши млади граѓани кои што можат да се носат со сите компании во Европската унија, во САД и во светот“, рече премиерот Ковачевски. (М.Ј.)