Дарја Ризова и Саша Ханџиќ со награди на „Брчко дистрикт“ во БИХ

Актерите на камерната драма „Нема да биде крај на светот“, Дарја Ризова и Саша Ханџиќ добија награди на Интернационалните театарски средби „Брчко дистрикт“ кои завршија денеска во Босна и Херцеговина.
Стручното жири во состав: Жељко Митровиќ, актер; Емина Муфтиќ, актерка; Драган Деспот, актер одлучи одлучи наградата за најдобра млада актерка да ја додели на Дарја Ризова за улогата на Маша, а наградата за најдобра споредна улога (актер или актерка), едногласно му беше доделена на Саша Ханџиќ за улогата на Таткото, а воедно тој е добитник и на наградата за најдобра машка улога за улогата на Вања во претставата „Куќа“, соопшти Македонскиот народен театар.
Ова е една хармонично изградена претстава, драматуршки склопена и режисерски заокружена само со тројца актери, но досега претставата „Нема да биде крај на светот“ се одигра на шест интернационални фестивали, каде освои: специјална награда за режија на Нина Николиќ, најдобра актерка Дарја Ризова, најдобар актер Саша Хаџиќ и специјална награда за актерката Џана Џаниќ, на фестивалот „Живи фест“, БиХ.
Ризова е прогалсена за најдобра актерка на меѓународно ниво на фестивалот во Бурса, Турција, најдобра регионална актерка на фестивалот на актерот во Коњиц, БиХ, а стана и дел од историјата на ФКТ „Ристо Шишков“ како најдобра актерка за улогата на Маша.
На фестивалот „БиХ драма Зеница”- БиХ, претставата беше прогласена за најдобра претстава во целина. Претставата досега има добиено 11 награди. Претставата е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево. Следната изведба е закажана на 8 ноември во Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот.