Данокот на екстрапрофит во Хрватска под лупа на Уставниот суд


Данокот на екстра добивка во Хрватска, од кој државата до средината на август собра 231 милион евра, како што изјави министерот за финансии Марко Приморац, е под лупа на Уставниот суд, кој работи на преиспитување на уставноста на законот што е основа за државата да собира дополнителни даноци, пишува во понеделник Јутарњи лист.

Станува збор за Законот за дополнителен данок на добивка, кој стапи на сила на крајот на минатата година, а се засноваше на минатогодишната регулатива на ЕУ, која зборува за екстра оданочување на субјектите кои имаат директна корист од енергетската криза и за пренасочување на тие средства за оние кои беа најпогодени од кризата.

Но, со Законот за оданочување на дополнителните добивки, Владата зазеде многу поширок пристап, па Хрватското здружение на работодавачи (ХУП) поднесе барање за оцена на неговата уставност и побара од Уставниот суд да донесе времена мерка со која би стопирала наплатата на данок на дополнителна добивка додека не се донесе одлука.

Во Уставниот суд рекоа дека се работи на случајот и дека досега го добиле објаснувањето од Владата, што покажува колку е реално да се очекува одлука до крајот на годинава.

„ХУП интензивно ја предупредуваше стручната и пошироката јавност дека Законот за дополнителен данок на добивка е дискриминаторски и неуставен бидејќи ги опфати сите компании со приходи поголеми од 300 милиони куни, без разлика на индустријата во која работеле и позадината на зголемувањето на добивката за повеќе од 20 проценти – велат од ХУП, истакнувајќи дека од сите членки на ЕУ, само Унгарија има поставено толку широко дефиниран дополнителен данок на добивка.

Тие наведоа неколку причини зошто сметаат дека ова оданочување е неуставно и штетно бидејќи ги казнува најуспешните претприемачи и најдобрите работодавци.