Данева: Како, покрај законска уредба, лидерите преговараат за датум за избори?


Најдобрата ситуација ќе беше, и немаше да влеземе во ваква првна вратоломија, каде што буквално сите мудруваме со цел да извлечеме право онаму каде што не може да се извлече, да се свикаше Собранието онака како што предвидува Уставот. Собранието апсолутно е должно да се свика во вонредна состојба и тука не постои никаква уставна пречка. Мандатот на пратениците тече, најлаички се гледа по тоа што земаат плата, изјави во Утрински брифинг, универзитетската професорка Ана Павловска – Данева.

-Сметам дека ситуацијава не требаше да се решава преку Уставен суд. Јас се согласувам со судиите кои не ги поништија одлуките. Едноставно создадени се сите услови и неопходно беше собранието да се состане. Не само да го констатира крајот на вонредната состојба, туку и да одлучи што понатаму со одредбите кои што со законска сила ги носи Владата, вели Павловска – Данева, говорејќи што како држава, од правен аспект ќе треба да се направи околу одредбите донесени од Владата, кои имаат законска сила по завршувањето на вонредната состојба.

-За да биде појасно – уредба со законска сила е еднакво на закон во вонредна состојба. За нас граѓаните тие важат еднакво како закон, тие се задолжителни, тие предвидуваат задолжувања, ограничување на нашите права. Разликата е во тоа што ние не го гледаме процесот во носење на тие акти и не можеме да влијаме на нив. Од тука тие акти треба да бидат многу ретки, малку на број и само неопходни. Ми се чини дека во нашата ситуација, со оглед на тоа што вонредната ситуација трае подолго, и со оглед на тоа што Собранието уште подолго не работи, го губиме тој процес на транспарентност, се јавува една сериозна недоверба на уредбите со законска сила. Тие на почетокот беа ограничувачки на нашите права, но само од аспект на заштита на нашето здравје, сега веќе не можам да се согласам дека сите одредби во тие уредби биле сразмерни на опасноста од нарушување на нашето здравје, додаде Павловска – Данева.

Треба внимателно да се прочита уредбата каде што парафразарам – се запира изборниот процес заради корона вирусот. Штом престане вонредната состојба од следниот нареден ден, продолжува да тече изборниот процес онаму каде што застанал. не се враќа назад, не се поништува, не се укинува, туку продолжува онаму каде што застанал. Оваа уредба е изрична и тука нема дилеми во нејзиното толкување, изјави Павловска – Данева, околу прашањето дали по завршувањето на вонредната состојба веднаш треба да започне постапката околу изборите.

-Јас не разбирам и проблематично за мене е како тоа при ваква изричита одредба, која има сила на закон, како воопшто некому му паѓа на ум дека треба да се сретнуваат и да преговараат за датум? Тоа е тотално неправно. Како ќе се смени уредбата? Кој ќе ја смени ако нема Собрание? Затоа нема простор за преговори на политичките лидери околу тоа кој датум на нив им се допаѓа за спроведување на изборите, додава Павловска – Данева.