Данела со „ловот“ по дивоградби го почна вториот чин за локалните избори, по првиот со унгарските пари

Војната на Градот Скопје со Општина Чаир дојде неочекувано. Политичкиот влог е голем, колку што се големи манипулациите со дивоградбите


Висар Ганиу и Данела Арсовска

 

Градоначалничката на Скопје, кoja изминативе денови е во „лов на дивоградби“ во Општина Чаир, веројатно ќе заработи и кривична пријава, а судирот меѓу градоначалниците на Скопје и на Чаир, ноќеска кулминираше со истурање ѓубре пред портите на Град Скопје. 

Арсовска со денови ги повикува сите надлежни институции да преземат мерки да се спречи градењето дивоградби во Чаир, за кои смета дека се направени со амин на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, член на коалицијата „Вреди“, но по диктат на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.

Досега само обвинетелството соопшти дека ќе отвори предмет по обвинувањата за криминал во Чаир, додека МВР и другите институции молчат. Освен по некој полицаец што по повеќе повици од јавувањата во живо на Фејсбук од Арсовска, присуствуваат на овие акции на градоначалничката и излегување на терен на градежната инспекција, додека таа е на местото каде се гради дивоградбата, институциите уште не влегле во Општина Чаир да побараат документација и да проверат што всушност се правело и се прави. На еден од објектите каде Арсовска, исто така, се јави во живо на Фејсбук, на терен беа и службеници од ЕВН, кои констатираа дека целосно изградениот објект е „диво“ приклучен на електричната мрежа, па го исклучија од бандера.

За ова, Арсовска во своите постови на социјалните мрежи ги тагира (означува) и амбасадите на САД, Германија и Обединетото Кралство, како и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Арсовска со документи за Ганиу

Арсовска со документи, за кои тврди дека се фалсификат, открива новоизградени згради за кои градоначалникот Ганиу дал дозвола да се гради на државно земјиште и со фалсификувани документи, а истите се запишани во Катастарот. Арсовска вели дека Градот му има одбиено на Ганиу дури 150 градби за кои не му дал документи за легализација, но како што вели „крадецот Ганиу ми се заканува мене и на моето семејство и продолжува да гради“. Таа тврди дека нема да се исплаши и дека е решена да ги извади на виделина криминалите на градоначалникот на Чаир.

Во последните неколку дена, Арсовска излезе на три градилишта, каде, како што тврди, се градат дивоградби. Две од нив беа едвај до прва плоча, а третата беше веќе изградена зграда, каде струјата беше приклучена на „диво“, како што утврдија службите од ЕВН.

Градоначалничката Арсовска сподели со јавноста дека Општина Чаир ден потоа во 14,44 часот до Агенцијата за катастар на недвижнини поднела решение за поништување на решението кое го издале за криминалната легализација со фалсификувани документи што ја откриле градските власти.

Според градоначалничката, наместо во истрага за криминалот, институциите во Македонија активно учествуваат, поддржуваат и поттикнуваат криминал.

„Решението го антидатирале демек е направено на 02.05.2025 за да изгледа дека постапиле пред целиот криминал да биде објавен јавно, ама не можат да покријат дека вчера (27.5.2025) им е поднесен во Катастар неколку часа по нашите пријави во МВР.

Срамот да биде поголем во обидот за прикривање докази активно учествуваат Владата и министерот за внатрешни работи кои наместо да ‘филозофираат’, треба да постапуваат за да ги фатат криминалците, а не да дозволат тие да ги покријат нивните криминали.

Досега требаше да сте во општината и да ги имате обезбедено сите докази, а не да им дозволувате на Висар Ганиу и Изет Меџити да си ги покриваат криминалите и да уништуваат докази. Јавното обвинителство мора да постапи во разоткривање на криминалот кој се случува пред очите на целата јавност“, објави Арсовска.

Чаир смета дека е под опсада на „параполицаецот“ Арсовска

Од Општина Чаир пак, тврдат дека се соочени со политичка провокација, а општината им е под опсада на „параполицаецот“ Арсовска.

„Општина Чаир и нејзините жители, соочени со една политичка провокација каква не се памети од порано, внимателно следејќи ги движењата, дејствијата, релациите и изјавите на политичките чинители, со жалење констатира дека Чаир е под опсада!

Општина Чаир изразува разочарување поради фактот што г-ѓа Арсовска, во последните месеци од нејзиниот мандат на чело на Градот Скопје, наместо да се фокусира во презентација на сработеното во изминатите четири години, дозволи да биде инструментализирана и да се претвори во извршител на сомнителни политички агенди, кои не случајно го одбраа токму Чаир и неговите жители да ги бијат нивните последни политички битки.

Граѓаните очекуваа од г-ѓа Арсовска да биде гласот на умереноста, мостот што поврзува и промотер на дијалогот помеѓу заострените страни. Како независен градоначалник на Градот Скопје, нејзиниот глас требаше да биде сервис на граѓанинот во потреба, не на политичките партии, на процесот на легализација како елементарна неопходност, не како луксуз. За жал, г-ѓа Арсовска дозволи нејзиниот авторитет да биде срушен претворајќи се во параполицаец кој дејствува спротивно на законот и надвор од своите овластувања.

Јавно ја прашуваме г-ѓа Арсовска: чија политичка агенда спроведувате? Кого се обидувате да го спасите од правдата произведувајќи кризи таму каде што ги нема?

И даваме до знаење на г-ѓа Арсовска дека Чаир се сеќава. Чаир и чаирчани паметат и времиња кога службената политика го беше претворила Чаир во гето, а чарчаните во граѓани од втор ред. Сликите кои што ги приреди г-ѓа Арсовска како забава за масите, во меморијата на Чаир ги вратија настаните од крајот на 80-тите години, кога на Албанците им се рушеа куќите во ‘Дижонска’, додека политичарите Албанци се криеја некаде низ ‘сараите’ на политиката“, напиша Ганиу на Фејсбук.

Тоа со „сараите“ е алузија на  Општина Сарај, која до парламентарните избори беше предводена од Блерим Беџети, по што тој избра да биде пратеник во Собранието, а општината ја предводи в.д. градоначалник и за постојаните инсинуации дека Арсовска во својот градоначалнички мандат работи само со и во таа општина. Поради таквите забелешки и нејзиниот заменик-градоначалник Александар Трајановски од партијата на Стевче Јакимовски ГРОМ, даде оставка на таа позиција.

Но, Јакимовски вчера ѝ даде безрезервна поддршка на Арсовска за нејзините акции низ Чаир.

„Ние може неа да не ја сакаме, може да бидеме незадоволни од одредени нејзини постапки, меѓутоа овие активности кои таа во моментов ги презема не можеме како одговорни лица да не ги поддржиме“, рече Јакимовски.

Меџити со кривична за Арсовска

Денеска, пак, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој во три мандати беше градоначалник на Општина Чаир од 2005, а потоа беше избран и за потпретседател на ЗЕЛС во 2009 година, во еден мандат, најави дека на Арсовска ќе ѝ поднесе кривична пријава за лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.

„’Храбриот’ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, му порача Арсовска пред некој ден.

Дека зад сето ова стои политика е сосем јасно. Низ вокабуларот на актерите на оваа драмолетка се насетуваат сите инсинуации, што познавачите на политичките прилики во Македонија веднаш ќе ги препознаат. Арсовска на позицијата градоначалник на Скопје дојде како независен кандидат, но со поддршка на сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. За брзо време пукна тиквата меѓу нив, па таа почна жестока битка против сите, а граѓаните на Скопје, до ден денеска ѝ забележуваат дека не завршила ни една од ветените работи во предизборната кампања, иако, треба да се признае, без советниците од ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка, односно да кренат рака и да изгласаат во Советот ан Град Скопје, дел од нив не ни можеа да бидат завршени. (Така скопјани останаа без нови автобуси за ЈСП, а јавниот градски сообраќај во мандатот на Арсовска доживеа груби и неподносливи прекини.)

Висар Ганиу за градоначалник на Чаир доаѓа во 2017 година како кадар на ДУИ, а го наследува сегашниот вицепремиер Меџити, по негови завршени три мандати на чело на оваа општина.

ДУИ, која на власт во земјава беше повеќе од 20 години, со Меџити и Ганиу, Чаир успеаја да го воздигнат во политички локален бастион, кој како да беше резервиран за нив. Но, пред неполни две години, токму овие политичари и уште неколку други, се прогласија себеси за ‘огнено крило’ на ДУИ за подоцна, Меџити да ја основа партијата Демократско движење, кое влегува во коалиција со Беса, Алијанса за Албанците (со Арбен Таравари) и Алтернатива и на последните парламентарни избори да го симнат ДУИ од власт. Таравари, пред извесно време даде оставка од функцијата министер за здравство, а неговите довчерашни политички другари го обвинија дека соработува со ДУИ и му посакаа среќа, а порачаа дека ќе се соочат на претстојните локални избори.

Во октомври треба да се одржат локални избори на кои општините и Градот Скопје ќе добие нови градоначалници. Вчера ВМРО-ДПМНЕ излезе со 25 имиња за предлог-градоначалници. Колку жешка ќе биде кампањата за локалните избори може да се насети уште сега, а ако се знае дека Владата истури милиони во градските каси од унгарскиот кредит, а сигурно ќе капне и од новопотпишаниот со Обединетото Кралство, многумина ќе посакаат да останат на тоа место, а уште толку сигурно ќе се амбицираат да се испробаат во улога на градски татковци (мајки).