Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во клинч, заврши ли романсата?

Дали тендерот за изградбата на пречистителната станица е толку голема причина за сојузниците да ја кршат соработката


 

Едно разрешување и една оставка (или разрешување) ги преврте преку глава односите меѓу владејачките структури во Градот Скопје. Првпат од ноември лани кога градоначалничката Данела Арсовска ја презеде власта во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ објави партиско соопштение во кое се зборува против неа. Додуша, тоа е пренесување на Фејсбук статусот на генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски, во кој тој наведува дека си заминува од позицијата затоа што бил „разочаран од слабиот потенцијал на Арсовска“, додека од Градот Скопје веднаш возвратија дека тој, всушност, бил разрешен во петокот, 9 септември. И дека тоа било направено во пакет со разрешувањето на в.д. директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински поради матни игри околу тендерот за најголемиот проект на Скопје, изградбата на пречистителната станица, вреден 136 милиони евра.

Овој проект го започна претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, а го продолжи Арсовска. Овој огромен зафат треба да се гради со грант од ЕУ и кредит на банките ЕБОР и ЕИБ и е голема инвестиција за еколошката иднина на Скопје.

Објавувајќи дека си заминува, Велковски, кој е дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, напиша:

„Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По течиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на Скопје не е можен“.

Од кабинетот на Арсовска имаат поинакво објаснување – дека Велковски бил разрешен оти имал сомнително влијание врз тендерската постапка за изградбата на пречистителната станица.

„Од функцијата секретар на Град Скопје, во петокот е разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

Велковски е разрешен заедно со в.д. директорот на ЈП ‘Водовод и канализација’, Златко Перински, поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“.

Она што се додава на крајот од соопштението е најинтригантно: „Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани, ниту финансирање на лични и теснопартиски интереси“.

Дали тоа би требало да значи дека Велковски се обидувал да работи за интересите на ВМРО-ДПМНЕ при изборот на изведувач на пречистителната станица?

Иако и досега имало поголеми и помали искричења во односите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, тоа јавно беше измазнувано. Арсовска, која како независен кандидат беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, одеше на настани поврзани со градежни активности на вмровските градоначалници во Скопје. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја поддржа во нејзината одлука Градот Скопје да не се нафаќа да го менаџира системот за парно греење по одземање на лиценцата на БЕГ, велејќи дека тоа е исправна одлука, како и во нејзините барања Владата да му помогне на главниот град за справување со енергетската криза и високите цени на струјата.

Велковски во својата објава вели дека тој на функцијата во Градот дошол како избран советник во Општина Чаир, па прашање било дали може да ги извршува двете административни функции во исто време. Антикорупциската комисија го известила дека „ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на Градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир“, вели Велковски, кој е и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир. Но вели дека со раководењето на Арсовска „развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа многу повеќе по нејзиното стапување на функција“. За најпосле да се заблагодари на „поддршката од мојата партија и претседателот Мицкоски“.

Веќе извесно време се забележува остра поделеност во опозициските медиуми, каде некои од нив речиси на дневна база го критикуваат Христијан Мицкоски, но не и ВМРО-ДПМНЕ. Дали и овие разрешувања (или едно од нив е оставка) се дел од овие игри кои ќе значат крај на романсата би можело да се знае наскоро. За Данела Арсовска ќе биде многу комплицирано да го раководи градот, ако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ застане против неа. Од каде тогаш ќе најде советници да ги поддржуваат нејзините одлуки, па во крајна линија многу работи во Скопје да останат блокирани. (Љ.П.)