Дамски протокол: Ѓоргиевска и Дуда со заеднички активности во Скопје
Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска заедно со сопругата на полскиот претседател, г-а Агата Корнхаузер-Дуда, во рамки на Дамската програма, реализираа неколку заеднички активности во Скопје, во насока на подигање на јавната свест за ранливите и маргинализирани заедници, децата со попреченост и промоција на волонтерството
По официјалната цермонија на пречек со највисоки државни и воени почести во претседателскиот кабинет, г-а Горгиевска и г-а Дуда, ја посетија канцеларијата на „Млади Хаб“, каде беше организирана работилница во која учествуваа ученици со попреченост од „ДСУ Св. Наум Охридски“. Младите лица изработија уникатни ракотворби, кои беа изложени во канцеларијата на „Млади Хаб“, со цел да се поттикне јавната свест за создавање еднакви можности за лицата со попреченост и нивна инклузија во општествениот живот.

Во „Млади Хаб“, г-а Горгиевска и г-а Дуда заедно со волонтерите од неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“, учествуваа во пакување на социјални оброци за социјално ранливи и загрозени лица, бездомни лица и деца без родители.

Како долгодишен волонтер и поддржувач на волонтерството, г-а Ѓоргиевска и Првата дама на Полска, г-а Дуда, го посетија и Црвениот крст на Република Северна Македонија, каде остварија средба и разговараа со волонтерите од Центарот за психо-социјална поддршка.

Во рамки на Дамската програма, сопругите на двајцата претседатели го посетија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и ја разгледаа постојаната изложба која дава подробен приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, нивниот придонес во општеството и сеќавање на холокаустот.

Дамската програма беше заокружена на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, каде г-а Ѓоргиевска во присуство на Првата дама на Полска и министерот за здравство, Венко Филипче, изрази благодарност за донацијата на 200.070 вакцини Фајзер од Република Полска.
Согласно протоколарната традиција на размена на подароци, г-а Ѓоргиевска на сопругата на полскиот претседател, г-а Дуда и подари пакет книги од полски автори преведени на македонски јазик.