„Дали мислите дека премиерот на Австралија ве излажа“; „Не мислам, знам“: Макрон за потегот на Морисон околу подморниците


Францускиот претседател Емануел Макрон го обвини австралискиот премиер Скот Морисон дека го лажел додека тајно преговарал за договор за подморници со САД и Велика Британија и дека треба многу да се направи за да се обезбеди взаемна доверба во иднина јави Си-Ен-Ен.

На прашањето на австралиски новинар дали мисли дека Морисон го излажал, Макрон одговори потврдно.

„Не мислам, знам“, рече Макрон.

„Имам голема почит кон Австралија. Сакам само да нагласам дека кога негуваме почит, мора да бидеме чесни и да се однесуваме доследно во согласност со тие вредности“, додаде францускиот претседател.

Макрон и Морисон разговараа за прв пат во четвртокот откако Австралија го раскина договорот со Франција. Двајцата викендов беа во Рим, на самитот на Групата 20 најголеми економии во светот (Г20), но не се сретнаа.

Минатиот месец Австралија го раскина договорот за купување на француски подморници, вреден неколку милијарди долари и одлучи да купи американски. Канбера ја донесе таа одлука поради влегувањето во безбедносен сојуз со Велика Британија и САД (АУКУС) во индо-пацифичкиот регион.

Морисон повтори дека купувањето на најмалку осум нуклеарни подморници во новиот договор со САД и Велика Британија е попожелно од договорот со Франција од 2016 година.

„Австралиската влада обезбеди нешто што ниту една претходна влада не успеа во последните 50 години, а договорот за подморниците добро ја позиционираше Австралија кога станува збор за одбраната во иднина. Затоа не се извинувам што донесов добра одлука за Австралија“, рече премиерот на Австралија.

Формирањето на тој сојуз ја налути Франција, која ги отповика амбасадорите од САД и Австралија. Запрашан да одговори како мисли дека Австралија ќе ги подобри односите со Франција во иднина, Морисон одговори дека неговата администрација веќе започнала проекти од заеднички интерес, особено во индо-пацифичкиот регион, додавајќи дека „им треба трпение и време“.

За спорниот договор неодамна зборуваше и американскиот претседател Џо Бајден, кој  истакна дека целата ситуација не е направена на највешт и најелегантен начин.