Дали генералниот секретар на Владата е поважен од двајца министри?
Едно соопштение за владини активности сугерира дека можеби функционалната структура во Владата се променила во овој состав. На одреден начин тоа го потврдуваат и фотографиите.
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и министрите за локална самоуправа и за дигитална трансформација, Златко Перински и Стефан Андоновски, денеска во паралментот на Естонија имале средба со парламентарната група за соработка со земјава.
За средбата на Фејсбук информира Јанушев и вели дека заедно со двајцата министри разговарале со домаќините за соработката.
„Заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски разговаравме со Петер Тали, претседател на комисијата за европски прашања и претседател на групата за пријателство со Македонија, како и со Анели Акерман, претседател на комисијата за финансии и поранешен министер за финансии. Градењето блиски односи и континуирана комуникација со оваа група е од суштинско значење за поддршка и отворање нови можности за соработка, поддршка и размена на искуства. Разговаравме за иницијатива за размена на добри парламентарни практики, особено поврзани со финансирање на развојни програми, децентрализација и дигитална трансформација“, напиша Јанушев на Фејсбук.
И од дистрибуираните фотографии се гледа дека Јанушев седи меѓу двајцата министри, како своевиден шеф на делегацијата, во која двајца министри се како негова придружба.