Далеку е Скандинавија
„Покажавме европско, би рекол скандинавско управување“, изјави деновиве премиерот Христијан Мицксоки. Но, како е во реалноста
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве, при посетата на Штип, се пофали дека на локално но и на централно ниво покажале дека институциите во Македонија „можело да се менаџираат без афери кои што ќе значат криминал, корупција, злоупотреба“. Или, како што го сублимираше во неколку збора: „покажавме европско, би рекол скандинавско управување“.
Оваа негова изјава беше дадена како одговор на новинарско прашањe за претстојните локални избори, но иако општините беа во фокусот, практично перцепцијата на премиерот за владеењeто на ВМРО-ДПМНЕ и на коалициските партнери се однесува и на институциите надвор од локалната власт.
Прашање е меѓутоа, колку од обичните граѓани, кои што секојдневно во општините каде што живеат се соочуваат со низа проблеми, ќе се согласат со констатацијата за „скандинавско управување“. Почнувајќи од она што е највидливо – хигиената (за која, за воља на вистината, целата одговорност не треба да се префрли на комуналните претпријатија, туку и на лошите навики на граѓаните), потоа загадениот воздух, неискосените и запустени тревни површини, необележените сообраќајници, узурпирањето на јавните површини од страна на кафеанџиите и толерирањето гласна музика (било да се ди-џеи или живи свирки) до доцна во ноќта, па се до урбанистичкото дивеење, кое што остава трајни лузни врз квалитетот на животот во градовите.
Не се многу подобри ниту услугите кои што ги добиваат граѓаните од јавните служби. Сведоци сме на секојдневни поплаки дека јавната администрација не е на нивото на она што го плаќаат граѓаните и дека не се нивен сервис, туку нешто сосема друго. За партизацијата на јавните служби воопшто не треба ниту да се елаборира.
Не е поинаку ниту на централно ниво – проблемите и таму се големи – почнувајќи од незадоволството со висината на платите, особено на минималецот, цените за кои ниту оваа влада не успева да најде трајно решение, туку е приморана да гаси пожари со непазарни мерки кои што даваат ефект додека се на сила. Од друга страна, само во последниот месец дена граѓаните беа сведоци на расипничко трошење од страна на државните функционери, кои како да ќе нема утре, се рашетаа низ светот, на разни конференции, светски изложби, работни посети… полнејќи ги своите фејсбук и инстаграм профили со селфи фотографии на државна сметка. За ефектите од таквите патувања, за кои се трошат јавни пари (читај на граѓаните и фирмите даночни обврзници) нема никаков отчет.
Оттаму, констатацијата за „скандинавско управување“, може е добра како цел која што сака да се постигне, но е далеку од она што се случува во реалноста и во нашето секојдневие.
Може на пример, да се земе индексот на перцепција на корупцијата. Според податоците на Транспаренси интернешел за 2024 година, Финска била рангирана на второ место од 180 држави, Норвешка на петто, Шведска на осмо место, а Данска била на прво место, односно најмалку корумпирана држава во светот. Истата година Македонија беше рангирана на 88 место, нешто подобро од Србија и БиХ, но полошо од сите други земји од регионот, вклучувајќи ги Албанија, Косово, Црна Гора…
Според овие параметри, но и многу други, Македонија е далеку од Скандинавија и од „скандинавско управување“.
Економскиот раст исто така е интересен за споредба.
Премиерот Мицкоски од Штип се пофали со растот на индустриското производство и со податоците за инфлацијата, велејќи дека мерките на Владата даваат резултати, односно дека последните два месеци има дефлација (ако се гледа месец со месец), а по растот на индустриското производство сме биле „единствени во регионот и едни од ретките во Европа, во првиот квартал од оваа година“. Иста така, дека има позитивна бројка во делот на извозот, како и дека очекува резултат кој што ќе ги натфрли проекциите од страна на меѓународните институции во делот на растот на БДП.
Секако, веројатно нема човек во земјава кој што не би сакал овие очекувања да се остварат и Македонија, конечно, да зачекори по патеката на одржлив и забрзан економски раст кој што во крајна линија ќе доведе и до поголем животен стандард на граѓаните.
Но, каква е реалноста?
Само еден ден по ваквите оптимистички најави, на настан организиран од Светска банка, беше посочено дека со економски раст како во изминатите пет-шест години, Македонија може да очекува да се приближи до европскиот просек за 60 – 70 години.
Според главниот економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, Иваило Изворски, ако се земе просекот од 36.000 долари по глава на жител во Европа и 8,9 илјади долари во земјава, со поголема стапка на раст таквиот просек би се достигнал за 30 до 40 години, а со стапка на раст како последните 5-6 години, ќе бидат потребни 60 до 70 години. Речиси цел еден животен век.
Ако се земе, пак, нивото на БДП во скандинавските земји, таквата цел е уште понедостижна. На пример, БДП на Норвешка, која не е во ЕУ, во 2023 година (според податоците на Светска банка) бил речиси 88 илјади долари по жител, наспроти 8.600 долари колку што бил во Македонија. Или, во Финска бил 52 илјади долари, во Данска 68 илјади, а во Шведска 55,5 илјади долари. Скандинавија, според овој параметар, е уште подалеку.
Од Светска банка ги посочуваат бавниот напредок во спроведување на структурните реформи, брзото стареење на населението и падот на наталитетот, во комбинација со високата миграција, како фактори кои негативно придонесуваат за економскиот раст. Од таму посочуваат дека фокусот треба да се стави врз реформи во образованието, подобрување на бизнис климата, поголемата продуктивност на вработените, но и ефикасно трошење на електричната енергија. Односно слабостите на нашата земја ги гледаат во човечкиот потенцијал (поради лошото образование), потоа лошата бизнис клима за приватните фирми и високата потрошувачка на енергија по единица производ во државава, односно нејзиното нерационално трошење.
Во оваа насока, интересна е и изјавата на првиот човек на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, околу неопходноста да се подобри бизнис климата.
„Можеме да донесеме колку што сакаме грантови и концесиски кредити, но ако не го ослободиме овој потенцијал, нема да го постигнеме статусот на земја со среден приход и да донесеме дополнителен просперитет во земјата“, вели Рокас.
И меѓународните финансиски институции, кредитните агенции и економски институти не го делат оптимизмот на Владата околу стапките на раст на домашниот бруто производ. ММФ предидува солидни 3,2 отсто, Светска банка е поскептична, со 2,6 отсто, Виенскиот институт за меѓународни економски студии во најновите пролетни прогнози од 25 минатиот месец е уште поскептичен – предвидува раст на БДП од 2,4 отсто за Македонија. Она што загрижува, покрај ваквите ниски стапки, е што Македонија е на дното меѓу земјите од регионот, што значи дека не само што го губи чекорот со Европа, туку и со земјите од непосредното опкружување, кои остваруваат повисоки стапки на раст.
Дали Македонија може да изненади со повисоки стапки? Се разбира. Прво, поради ниската споредбена основа лани, а друго, доколку се реализираат инфраструктурните проекти кои што се во тек и кои што се најавуваат. Иако, и во овој дел има значајно несогласување во податоците за започнатиот фронт на автопатиштата од коридорите 8 и 10д, кои што ги кажува министерот за транспорт Александар Николоски и надлежните од „Бехтел и Енка“ кои што се изведувачи, како и расчекор меѓу најавените инвестиции и оние кои што започнуваат да се реализираат.
За потсетување, уште во предизборната програма ВМРО-ДПМНЕ најави дека основа за растот ќе биде инвестициската, а не личната потрошувачка, што значи дека за да се дојде до таквата цел, не се потребни само зборови, туку и конкретни дела.