Д-р Кунгуловски: Британскиот сој, за неколку месеци, ќе стане доминантен во Македонија


 

Британскиот сој за неколку месеци ќе стане доминантен во Македонија, како што станува и во многу земји во Европа, изјави денеска д-р Горан Кунгуловски, биоинженер од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“, каде за првпат е утврдено постоењето на овој сој на коронавирусот во земјава.

– Вирусите постојано мутираат. Досега се детектирани илјадници мутации на корона вирусот, некои го ослабнуваат, а некои ги менуваат особеностите на вирусот. Овој вирус еволуира многу побавно за разлика од сезонскиот грип. Не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина за него – рече Кунгуловски.

Тој објасни дека според податоците на британските научници, новиот сој се шири за 70 отсто побрзо од стариот, и ако требало да се заразат 10, ќе се заразат 17 луѓе.

Иако некои податоци велат дека британскиот сој ја зголемува смртноста за 30 отсто, Кунгуловски вели дека за тоа да стане факт треба подетални студии и дека не треба да се крева паника.

– Да бидеме претпазливи, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас. Најверојатно ќе станува сѐ подоминантен и подоминантен. Да бидеме во постојан мониторинг и во постојана фаза на претпазливост – порачува Кунгуловски.

По препорка од СЗО барем 5 отсто од сите позитивни изолати треба да се секвенционираат за да се утврди мутацијата. Резултатите од секвенционирањето се добиваат за 5-7 дена.

На прашањето за тоа како се заразал првиот пациент во земјава со британскиот сој на вирусот, д-р Кунгуловски вели дека епидемиолозите ќе утврдат дали вирусот циркулирал недела, две-три претходно и дали пациентот имал контакт со некој кој патувал во странство.

– Пациентот бил со средно тешка слика, оздравен е, без никакви проблеми сега-засега. Потребни се стотици или илјадници податоци за да се направи споредба меѓу симптомите на стариот и новиот сој – додава Кунгуловски.

Тој ја повика владата, како и општествено-одговорните фармацевтски компании да помогнат со финансирање на овој скап проект, кој во земјава се изведува само во Клиниката „Жан Митрев“ и во МАНУ.