Цветановска: Протестот на работниците не е политика туку борба за достоинствен живот и праведна плата


Денеска вие со право сте на улиците, се борите за достоинствени плати, за достоинствен живот, за корка леб. Зад секоја плата стои нечии труд, нечии раце, нечии соништа. Затоа е важно кога работниците ќе застанат заедно и мирно, достоинствено да го побараат она што им припаѓа, стои во соопштението на СДСМ од прес конференцијата на Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор, што МИА го пренесува интегрално.

Христијан Мицкоски ве изневери, ве излажа и ве понижи. Ве нарекува хистерични затоа што барате минимална плата од 600 евра. Додека тој носи часовници од 150 минимални плати. Уште вели дека можеле работниците и без одмор, следно ќе каже може и без да јадат. Сите вие знаете дека СДСМ е на ваша страна и ве поддржува.

Кога бевме власт платите постојано ги зголемувавме, минималната плата ја зголемивме од 8.000 на над 20.000 денари, а просечната од 22.000 на над 42.000 денари. И сега, кога ви е тешко, СДСМ поднесе Закон за минимална плата од 600 евра, но Владата го одби барањето.

Имате право да го кренете гласот, да бидете на улиците. Протестот на Синдикатот не е политика – тоа е борба за достоинство, за праведна плата и за подобар живот за секое семејство.

Ние нема да го злоупотребуваме вашиот протест ниту ќе го политизираме, ние не сме ВМРО.

Сите членови на СДСМ кои се и членови на Синдикатот ги повикуваме да се приклучат. Ова е ваша борба. Гласот на работниците мора да се слушне.

Петрушевски: СДС е еднакво на ССМ, денешниот протест е измама, а не борба за работнички права

Безидејноста и пропаста на СДС одат до таму што застануваат зад секој кој ќе најави протести. Зад денешните протести јавноста јасно виде дека наместо ССМ, стои СДС односно нивни луѓе ги организираат работниците низ Македонија за да дојдат денес во Скопје, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски, што МИА го пренесува интегрално.

Колку за илустрација, во Тетово, како и од тој регион работниците ги организираше истакнатиот член на СДС, Мирослав Павловски.

Работниците од Струмица и околината ги организираше Бранко Георгиев. Тој е поранешен раководител во струмичкото Јавно претпријатие „Комуналец“ во време на СДС.

Оливер Трајковски кој води штаб на СДС во Куманово и е вработен во тамошното Јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ ги организира работниците од Куманово и кумановско.

И сите овие како и други од СДС кои се во организацијата на денешниот протест, наместо да ја зајакнуваат партијата која се движи кон пропаст да не кажеме исчезнување, тие решиле да си организираат протести на ССМ.

Барањата на работниците се едно и работниците имаат право да бараат остварување на истите.

Но, начинот на кој се организирани овие денешни протести е се само не синдикална активност и борба за остварување на работничките права.

Овие примери и организацијата на денешниот протест покажува само едно дека стои знак на равенство помеѓу ССМ и СДС или ако сакате СДС е еднакво на ССМ.

ВМРО-ДПМНЕ како партија се грижи за секој еден граѓанин, но ова што го прават СДС и ССМ е измама.