Цвета Ристовска поднесе оставка од функцијата во Антикорупциска
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска денеска до претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе оставка од функцијата. Во објаснувањето стои дека оставката ја поднесува поради јавните полемики и сомнежи околу нејзината работа во ова тело.
„По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во прска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски.
Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет. На Државната комисија за спречување на корупцијата й посакувам успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес“, напиша Ристовска.
Инаку, Државната комисија за спречување на корупција отвори два предмети за антикорупционерката Цвета Ристовска, која што, според опозицијата, го кочи процесуирањето на пријавите против власта. Се работи за проверка на судир на интереси и за непријавување на имот.
Во првиот случај се работи за тоа дека фирма на еден од синовите на Ристовска добивал пари во кампања за претседателските избори во 2024 година. За вториот случај е дека таа не пријавила дека и двајцата синови и имаат маркетинг фирми во нејзиниот анкетен лист. Ристовска се најде на јавна критика и околу случајот со сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што не најде основа за оспорување, иако имаше веќе неколку вакви судски случаи за други лица за кои беа изречени казни. Ристовска предаваше и на факултетот каде што заврши Бојан Христовски, чија диплома беше оспорена со претставка.