Црногорскиот Телеком ја тужи државата – поевтиниот роаминг им нанел штета


 

Црногорскиот Телеком ја тужи Агенцијата за електронска комуникација (EKIP) барајќи надомест на штета поради примена на намалувањето на цените за роаминг.
Како што наведуваат од Телеком, причините се незаконски одлуки со кои се намалија цените за роаминг од јуни 2015 до август 2017 година, пренесе порталот Investitor.
Од Телеком наведуваат дека спогодбата за намалување на цените за роаминг од 2014 година предвидува обврска за дополнување на законот во делот на пропишувањето на овластувањата на националните регулатори без анализа на пазарот да ги утврдат цените на роаминг. Оваа обврска државата ја игнорирала, тврди телеком, а EKIP донесувал одлуки кои биле обврзувачки.
Во одговор на тужбата EKIP наведува дека не постои потреба за ратификација на Спогодбата, затоа што станува збор за административно-меѓународен договор склучен меѓу ресорните министерства на четири држави. Исто така наведуваат дека EKIP бил надлежен за реализација на спогодбата, и дека со своите одлуки само ја утврдил динамиката за снижување на цените за роаминг во три фази почнувајќи од јули 2015 година.
Тврдат дека Телеком на овој начин сака да ги задржи што повисоки цените за услугите и да оствари што поголем профит, укажувајќи им дека за падот на приходите причините треба да ги бараат во апликациите Вибер, WhatsApp и Facebook.
„Ваков однос тужителот, иако припаѓа на група која работи во голем број европски земји, има само кон корисниците и регулатроните одлуки во Црна Гора во која остварува значителен бизнис профит“, се наведува во одговор на тужбата од EKIP.