„Црни букви на црвено“ – нова книга на Димитар Башевски
„…Стиховите на Димитар Башевски се убедлив уметнички факт за важењето на геслото за поезијата како говор ‘за крупни нешта со моќен глас’ постулирано од Блаже Конески

Издавачката куќа „Слово“ од Скопје, деновиве ја бјави најновата поетска книга „Црни букви на црвено“ од Димитар Башевски, македонски романсиер, раскажувач, поет и преведувач. Освен романите, расказите и една книга есеи, Башевски досега објавил неколку поетски книги, а објавени се и избори од неговата поезија. Во 2023 година, неговата поетска книга „Дни, години“, ја доби највисоката поетска награда кај нас, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
„Црни букви на црвено“ е најнова книга на Башевски. Неговите книги досега се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици – англиски, чешки, грчки, романски, српски, бугарски, албански, турски, црногорскии и др. и ги добиле високите книжевни награди и признанија во земјата, меѓу кои „11 Октомври“, „Рациново признание“, „Роман на годината“ и др. Башевски е добитник и на државната наградата „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања.
„Црни букви на црвено“ е поетска книга која доаѓа во зрелата творечка фаза на Башевски и ги изразува главно оние поетски својства за кои еден број критичари пишуваа и за досегашните негови поетски книги. Во таа смисла, англискиот критичар Алан Браунџон, по повод објавата на избор поезија на Башевски во Лондон, напиша дека „како повозрасен писател, тој (Башевски) сосема природно се движи во митовите на зрелоста, отколку во смелите фантазии на младоста“.
Како генерална оценка за неговата поезија, која во голема мера може да важи и за „Црни букви на црвено“, може добро да послужи и искажувањето на Петар Т. Бошковски, кога тој во еден свој текст во книгата „Премрежето на критиката“, за поезијата на Башевски вели:
„…Стиховите на Димитар Башевски се убедлив уметнички факт за важењето на геслото за поезијата како говор ‘за крупни нешта со моќен глас’ постулирано од Блаже Конески. Автор со широк духовен хоризонт во кој се среќаваат, се одгледуваат и плодно се вкрстуваат личното и колективното, историското и митското паметење… Неговиот култивиран поетски однос и рафиниран сензибилитет се подеднакво изострени и промислени и во пробивот во светот на идеите во кој се движи, и во поглед на одредувањето на аглите од кои нив ги актуелизира…“