Црната листа на САД се доближи до Ахмети. На неа е ставен Артан Груби
Покрај Груби, на списокот е и судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држеше во фиока случајот на Сашо Мијалков во „Таргет-Тврдина“. Непријатен удар за Али Ахмети
Црната листа на САД се доближи до најтесниот круг на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, стигнувајќи до неговиот клучен соработник последниве години, Артан Груби. Тоа е силен удар не само за Ахмети, туку и за целата партија ДУИ, која деновиве одржува „стража“ пред уставниот суд околу Законот за јазиците и настојува повторно да биде многу важен фактор во политичките процеси во Македонија.
Американскиот Стејт департмент денеска го вклучи на црната листа поранешниот вицепремиер Артан Груби, заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети, означувајќи ги како лица кои биле вклучени во значителна корупција. Тие двајца се меѓу 14 лица кои се наоѓаат на списокот на Стејт департментот назаначини како вклучени во висока корупција.
„Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК“, соопшти Стејт Департментот.
Мијалков беше ставен на црната листа на Стејт департментот за значителна корупција во 2022 година.
Од Стејт департментот додаваат дека означени се и членовите на најблиското семејство на Груби.
Оваа одлука им дава ветер в грб на постојаните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ дека Артан Груби е еден од луѓето од претходната влада за кого има најголем сомнеж за корупција.
Покрај Груби, на црната листа на САД порано беше ставен и друг висок претставник на ДУИ, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Судијата Беџети беше во центарот на скандалот затоа што го чуваше девет месеци во фиока предметот „Тврдина-Таргет“ за да застари. Под притисок на јавноста Судскиот совет отиде во контрола и го утврди ова лошо постапување на Беџети кое го смени текот на судскиот процес, но помина само со парична казна. Беџети беше казнет со 20 отсто од платата за шест месеци.
По оваа одлука на Стејт департментот на Фејсбук се огласи и амбасадорката Анџела Агелер. Таа напиша:
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во правосудството не смее и нема да биде толерирано. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција, која ги поткопува демократските инстируции и ја уништува довербата на јавноста во нив. Никој не е над законот, а одговорноста е клучна за прогрес“. (Н.В.)