Црна дупка проголта ѕвезда пред неколку години, сега „ждригна“


Црните дупки се едни од најмистериозните и најекстремните објекти во универзумот. Тоа се тела со толку силна гравитација на кои ништо не може да им избега, дури ни светлината.

Тие се исто така интересни бидејќи им овозможуваат на астрономите да го набљудуваат однесувањето на законите на физиката во најекстремни услови. Понекогаш овие „чудовишта“ голтаат ѕвезди и други блиски објекти, ослободувајќи огромно количество светлина и зрачење.

Во октомври 2018 година, астрономите забележаа црна дупка во галаксија оддалечена 665 милиони светлосни години и сфатија дека таа штотуку проголтала ѕвезда. Три години подоцна, научниците од Центарот за астрофизика/Харвард и Смитсонијан (CfA) ја проучувале истата црна дупка за да го набљудуваат феноменот tidal disruption events (TDE) и забележале дека таа гласно „ждригнала“.

Шпагетизација на ѕвездите

TDE се јавува кога ѕвездата ќе се приближи премногу до супермасивна црна дупка и започнува таканаречениот процес на шпагетизација, при што гравитационото поле на црната дупка прво се протега, а потоа ја раскинува ѕвездата што се случило да биде премногу блиску. Дел од ѕвездената маса може да остане во акрециониот диск околу црната дупка, што резултира со привремен блесок на електромагнетно зрачење.

Откако научниците од Државниот универзитет во Охајо го анализираа TDE AT2018hyz во 2018 година, астрономот на CfA Ивет Сендес и нејзините колеги повторно го разгледаа настанот во 2021 година. Беа изненадени кога видоа дека црната дупка повторно „оживеа“, пишува Universe Today.

„Ова целосно нè изненади, вакво нешто досега никој не видел“, изјави Цендес.

AT2018hyz беше прилично тивка три години, а потоа стана една од најсветлите TDE. Научниците заклучија дека црната дупка повторно блесна кога почна да го исфрла остатокот од материјалот од ѕвездата. Ова е првпат астрономите да го набљудуваат овој феномен, а сè уште не им е јасно зошто црната дупка „ждригна“ само неколку години подоцна по нејзиниот значителен оброк.

„Ова е првпат да снимиме толку долг период помеѓу голтање и исфрлање материјал. Сега треба да видиме дали тоа се случува почесто“, рече астрономот на CfA Едо Бергер.

Моќно „ждригање“ од црна дупка

За време на проголтувањето на ѕвезда, црната дупка понекогаш може да исфрли материјал во облик на шпагети назад во вселената; што астрономите на шега го нарекуваат „неуреден ручек“. Сепак, излезните емисии обично се случуваат многу брзо по TDE, а не години подоцна.

Дополнително, црната дупка во овој случај насилно ждригна – исфрлајќи материјал со брзини што достигнуваат 50 проценти од брзината на светлината; околу петпати повеќе отколку што е вообичаено кај другите TDE.

Истражувањето за невообичаено одложеното исфрлање на материјал од црна дупка е објавено во списанието Astrophysical Journal.