„Црн печат“ и оценка -10 за Антикорупциска од Форумот за разумни политики
Форум за разумни политики го објави третиот анализиран случај во рамки на Индексот на политички интегритет, кој се однесува на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во анализата се нотира дека во период од само шест месеци јавноста беше сведок на две оставки во врвот на Антикорупциската комисија – претседателката Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинение од Обвинителството за гонење организиран криминал, додека членката Цвета Ристовска се повлече по јавни сомнежи за судир на интереси и непријавување имот.
Според методологијата на Индексот, случајот е оценет со –10, во категоријата „Црн печат“, во рамки на категоријата „штитење на јавниот интерес“, што укажува на сериозно нарушување на интегритетот на институцијата и на довербата на јавноста.
Во документот се нагласува дека институциите кои имаат мандат да го надгледуваат интегритетот на јавните функционери мора да бидат пример за транспарентност, отчетност и непристрасност.
Форум за разумни политики упатува препораки во насока на зајакнување на механизмите за избор, контрола и отчетност на членовите на ДКСК, со цел враќање на довербата на јавноста во институцијата.
Институции кои се наменети да го бранат владеењето на правото и со законски мандат за надзор над јавните функционери и политичките партии особено во делот на судир на интереси, мора да водат со пример и овие начела да ги применуваат пред се врз своите членови. Тие мора да бидат целосно транспарентни, непристрасни и подложни на јасни механизми за отчетност. Оставките на Татјана Димитровска и на Цвета Ристовска, како резултат на обвиненија, сомнежи и јавен притисок, укажуваат на сериозни предизвици со интегритетот на ДКСК, и тие имаат директно влијание врз довербата на јавноста во процесите на спречување на корупција.
Индексот за политички интегритет не е насочен кон персонална дискредитација, туку кон поттикнување на јавна дебата и јакнење на демократската култура, преку аргументирана и проверлива анализа.