Црковен обвинител ќе суди новинар поради пишувањето во порталот „Религија“

Новинарот Марјан Николовски дојде на удар на некои владици поради пишувањето дека тие сакаат да ја однесат МПЦ-ОА во „рускиот свет“


Фото: Б. Грданоски

 

Кој може да пишува за прашања поврзани со црквата – само автори кои го имаат „благословот“ на МПЦ-ОА или и „обични“ новинари кои на темите можат да им пристапат од неопходната дистанца. Особено кога се работи за прашања за тоа како функционира црквата, како функционира Синодот на МПЦ-ОА, какви ставови имаат одредени владици спрема Цариград и Москва и како да се заокружи признавањето на автокефалноста.

Интернет порталот „Религија“ во ова има специфична улога затоа што преку „мирјанинот“, новинарот Марјан Николовски, кој има исклучително знаење за црковните работи, помага јавноста да добие поцелосна слика за настаните во и околу МПЦ-ОА.

Сега Марјан Николовски, кој е и основач и главен уредник на „Религија“ дојде на удар на Синодот на МПЦ-ОА веројатно затоа што на одредени владици не им се допаѓа пишувањето на медиумот.

Во подолгото јавно обраќање Николовски вели дека Синодот сака да го стави пред црковен суд и таму да одговара пред „црковен обвинител“.

Николовски пишува дека Синодот на МПЦ-ОА покренува судска постапка против него и порталот затоа што текстовите кои бил објавени предизвикувале „‘основ’ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на САС (Синодот) во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање“.

Во писмото-покана испратено до Николовски од Канцеларијата на Синодот на МПЦ-ОА дознаваме дека во црквата имало и „црковен обвинител“ кој може да се занимава и со прашања на „цивилните лица“, а не само со свештеничкиот клир.

Синодот му НАЛОЖУВА (напишано со големи букви) на Николовски да се појави на „доказно рочиште закажано на 29.01.2024 година во 11 часот во канцеларијата на Архиепископијата во Скопје“ и да ги достави „сите исправи и предмети коишто ќе ви служат како доказ или треба да се разгледаат од црковниот обвинител, како и да ги произнесете сите факти врз коишто ги засновате вашите наоди“. Доколку Николовски не се појави во Архиепископијата ќе требало да го плати трошокот за доаѓањето на црковниот обвинител на рочиштето кое сама си го закажала МПЦ-ОА.

Причината, според Николовски, е тоа што во последниве две години „Религија“ интензивно пишува за состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА во православниот свет и патот што двајца владици го трасираат, а кој води кон заробеништво на МПЦ-ОА во „рускиот свет“. Николовски наведува: „Претседателот на државата, министерката за одбрана, безбедносните експерти, странските амбасади, предупредуваат дека дел од високиот клир на МПЦ-ОА работи за руските државно-црковни безбедносни служби. ‘Религија’ ги пренесува сите аспекти на тоа прашање, но на дел од владиците тие теми не им се допаѓаат. ‘Религија’, како и сите релевантни безбедносно-политички аналитичари предупредува дека МПЦ-ОА со црковната политика на двајца владици станува сериозно безбедносно прашање, но владиците тоа не сакаат да го читаат.

‘Религија’ пишува за можните финансиски малверзации и за можноста владици на МПЦ-ОА да имаат сметки во странство, но владиците на МПЦ-ОА не сакаат да прашаат како е тоа можно. Владиците на МПЦ-ОА, кои дваесет години живееја во конфор зона, под стаклено ѕвоно, па дури и со нарачани прогони против неистомисленици како Вранишковски, поради повисоката цел, автокефалноста, на пример, сакаат да продолжат да живеат како државни агенти и по извојувањето на таа цел. МПЦ-ОА денеска не е МПЦ-ОА од пред 20 години. Таа денеска е црква на патот до полноправна автокефалност, ниту една црква не ја смета за шизматичка и може да сослужува со сите цркви во светот. Таа битка МПЦ-ОА ја доби благодарение на државата и нејзината заштита. И сега државата е онаа која очекува црквата да ѝ биде партнер кога станува збор за националните и стретешки интереси и тоа е она на кое предупредува ‘Религија’, а на некои владици не им се допаѓа“, пишува новинарот Марјан Николовски.

Според него, целта на овој инквизиторски процес била тој да биде исклучен од црквата и „јавно сатанизиран“ и кога некој е прогласен за еретик и анатемисан тој нема право да ја критикува црквата.

Николовски вели дека нема намера да оди во Архиепископјата на сослушување пред црковниот обвинител со доказите што ги имал и ги повикува оние владици што се почувствувале загрозени да го посетат граѓанскиот суд и таму можат да поднесат тужба за клевета. И дека ваквите закани нема да го запрат пишувањето на „Религија.мк“.

Марјан Николовски доби поддршка од Здружението на новинарите на Македонија.

„Остро ги осудуваме сите обиди на црковните власти внимателно да го испитаат и замолчат критичкото новинарство и слободата на изразување. Ваквите активности не само што ги поткопуваат основните принципи на независноста на медиумите, туку ги загрозуваат и демократските вредности кои овозможуваат разновидно и плуралистичко општество да напредува. Транспарентноста, разбирањето и меѓусебното почитување се темелите врз кои треба да се гради здрав однос меѓу медиумите и верските заедници“, пишува во реакцијата на ЗНМ.