Цикличен режим на национализам

Националистичките тиради на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од последниве денови се позната приказна. Неа ја гледавме толку многу пати. И никој не би бил изненаден доколку двете партии си тропнат на вратите за соработка по 8 мај


Се очекуваше да зоврие националистичкиот лонец на овие избори, само прашањето беше кога ќе се случи тоа. Затоа што Македонија не е цикличен хибрид, како што оцени „Фридом хаус“, туку цикличен режим на национализам. Кој се појавува на секои избори, некогаш со вообичаен, а некогаш со екстремно силен национализам.

Нападите доаѓаа секој ден, сѐ поостри и сѐ понепријатни. Од бините на митинзите Христијан Мицкоски зборуваше за „цикличен артаноиден режим“, го потценуваше и напаѓаше Али Ахмети, го обвинуваше за криминализација на ДУИ, тврдеше дека неколкумина од врвот на партијата преминале многу граници во однесувањето. Па дури од Лозово повика дека „ДУИ и Али Ахмети не смеат да имаат пратеник во Третата изборна единица“. Дека таа територија е забранета за интегративците, обидувајќи да направи сегрегација на оние што би гласале за „Европскиот фронт“, затоа што ВМРО-ДПМНЕ многу тешко влегувал во Липково и Зајас, а ДУИ се пробивала во Тројката. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да добие гласачи во Зајас е прашање на кое тој треба многу да се потруди да си даде одговор, а не за тоа да обвинува други партии.

Мицкоски му предвидува на Ахмети дека наместо како идеолог на крајот ќе завршел како ситен криминалец, дека одамна го преминал рубиконот, дека бил исполнет со примитивизам, дека тој примитивизам ќе му преседнел многу скоро.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ алудираше на пораката на Ахмети изговорена од главниот скопски плоштад по секојдневните напади на Мицкоски. Тогаш на овој хирепнационалистички собир тој рече: „Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, тој е пораснат со кекси. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека тврдина се гради камен по камен, а бељата започнува збор по збор; не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“.  А еден ден подоцна на ТВ 21 изјави: „Тој не требаше да ја започне оваа битка бидејќи со мене не може да излезе на крај, јас не сум го провоцирал туку кажав една вистина дека тој сѐ уште нема ниту еден ден на чело на државата“.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој сака да се наметне како ко-лидер на партијата, го подигна влогот и нападите на уште едно ниво. На митингот во Прилеп, меѓу другото, изјави: „Секогаш кога ќе им кажете дека ќе одговараат велат дека ќе се случела беља. Да им порачам од овде – ова не е 2001, ова е 2024. А ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не е исто како тоа од 2001 година и ние нити ви се плашиме, нити ќе ви попуштиме, нити ќе седнеме на иста маса со вас да преговараме, камо ли да се договориме“.

Ова е кроки на мизансценот што се поставува последниве две-три недели. Толку предвидливо, толку очекувано. Македонија како да не може да се спаси од себе и од своите партии. Мислевме дека ги заборавивме заканувачките тонови од 1994 да им се пресечат канџите на орлите, дека фабрикуваните националистички напади меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во пикот на режимот на Никола Груевски, кои им носеа огромна корист на двете партии, се дел од подзаборавените приказни и дека општеството излегло од адолесценцијата, дека вакви инциденти се можни, но не и и да бидат доминатни наративи. Но изгледа дека тоа била заблуда. Лоша заблуда.

Нема митинг низ Македонија на кој Христијан Мицкоски не зборува против ДУИ не како политички противник, со кој не би сакал да учествува во некакво можно идно владеење, туку постојано и постојано оцрнување, омаловажување. Тој веќе има донесено пресуда дека врвот на партијата е криминализиран до гуша, дека и Албанците и Македонија треба да се ослободат од нив.

ДУИ дури и неочекувано молчеше повеќе отколку што би се помислило и го чекаше моментот за Али Ахмети да го испорача својот одговор во овој цикличен националистички режим. И го дочека кога приврзениците на ДУИ го исполнија главниот скопски плоштад во неделата навечер, а кога групата благонадежни опозициски лидери беше на уште една сеанса кај косовскиот премиер Албин Курти мислејќи дека таму се добиваат изборите. Од илјадниците насобрани луѓе грмеше извикот „УЧК,УЧК!“, а Ахмети го прифати на микрофонот тој восклик. Последниот чин од националистичката драма до изборите можеше да почне. А двата актери имаат толку познати меѓусебни улоги кои заеднички ги развиваат, што на прв поглед делува и провидно, и вознемирувачки, и предвидливо.

Не треба да се потцени националистичката мобилизација на двата политички кампуса, иако сето е веќе видено, познато, искусено. Само понекогаш жртвите се различни. Во ова мерење на националистичките мускули најкусото стапче изгледа дека ќе го извлечат четворицата мускетари од албанскиот опозициски фронт „Вреди“.

Тие вложија многу труд, многу храброст, па и политички харанги за да можат да формираат заедничка структура која ќе биде реален соперник на ДУИ (и анкетите го покажуваа тоа), која нема да ги затвори вратите кон ВМРО-ДПМНЕ при можните преговори за формирање влада и би му дала одреден преоден период на Мицкоски ако биде мандатар од шест до 10 месеци за решавање на уставните измени, што сега тоа почнува да изгледа за бадијала. Мицкоски, сакајќи да ѝ додаде уште еден спрат на националистичката зграда што ја крева, ги исфрли неговите потенцијални партнери од списокот на станари. Благодарејќи им и на самите нив. Албанските колеги ни велат дека она што беше речиси рамноправна политичка битка, со неумерените, лични и навредливи напади на Мицкоски и други видни вмровски раководители врз Ахмети и неговите најблиски соработници, поддршката за ДУИ почна забрзано да оди погоре во однос на „Вреди“. Додека тие одат од сесија на сесија со Курти во Приштина, мислејќи дека така се собираат гласовите, нивниот претпоставен иден партнер им ги урива мостовите кон гласачите. Дали тоа навистина не можеа или не сакаа или дури одбиваа да го видат, е прашање на кое во овој момент нема соодветен одговор. Одговорот ќе биде појасен за нив на 8 мај вечерта.

Другите жртви се патриотските дружини од македонскиот блок. За да може да ги следат националистичките тиради на Мицкоски, насочени дома а не кон соседите, тие ќе треба да го засилат удирањето во македонските гради. Колку тие ќе издржат ќе почне да се дознава уште наредниве денови. Доколку Левица и ЗНАМ, на пример, се навлечат повеќе отколку што е потребно на вмровската националистичка музика и почнуваат да играат испрекршено по туѓите ноти, нивните потенцијални гласачи може да се свртат кон оригиналните изведувачи, а не кон оние што свират „кавери“. Последниве денови станува и појасен повикот на Мицкоски од митингот во Охрид за македонско национално единство и за мораториум на нападите кон Левица и ЗНАМ. Тој сакаше да ги стави во ист строј на неговата националистичка бригада Димитар Апасиев и Максим Димитриевски. Апасиев ја отфрли веднаш ваквата понуда, Димитриевски зачекори во вителот и сега не знае како да излезе.

Тоа сите го знаат, а малкумина сакаат да го признаат – Македонија е земја на национализмот, и тоа главно оној примитивниот. Затоа толку многу добро се разбираа Никола Груевски и Али Ахмети со години. Кој би можел да каже дека Мицкоски и Ахмети нема да си тропнат меѓусебно на вратите, доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ добие мандат да формира влада. Па дури и да се разберат. Тоа сега може да изгледа невозможно, но реалноста е дел и од невозможноста. А четворицата албански опозиционери ќе можат да одат уште на многу визити во Приштина и да си го поставуваат прашањето – „Каде згрешивме“ – за кое има јасен одговор. Тие не згрешија толку, колку што не успеаја да видат што, всушност, се случува зад завесата, која им беше подготвена да ја спуштат за ДУИ.