Чудо од концерт за Кочани: Бетовен со виолинистот Роман Симовиќ и „Фејмс“ не воодушеви до болка

Публиката уживаше во бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува


На јазикот на класичната музика, со звукот на автентична виолина на Страдивари од 1709 година, синоќа, во малата камерна сала на Филхармонија во Скопје, беше „allegro ma non troppo, larghetto, rondo“, а по паузата „poco sostenuto-vivace, allegrettto, presto-assai meno presto, allegro con brio“.

 

На јазикот на емоциите, Концертот за виолина и оркестар во Д-дур и Симфонијата бр.7 во А-друр, Оп. 92“, од Лудвиг ван Бетовен, со виртуозот на виолина Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и оркестарот на Институтот „Фејмс“ кој обединува студенти од цела Европа, беше ноќ за паметење, со маестрална изведба, нескротлива енергија, со емоции, во потполна тишина, со поткована публика, која молчи и ужива, а не ракоплеска каде што не треба. Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност.
 
 
Иако Седмата…на Бетовен, која Ричард Вагнер ја опиша како „апотеоза на танцот“, воодушевила и влијаела на многу луѓе низ историјата, и нам ни звучеше како бесценето музичко патување какво културно Скопје заслужува. Синоќа беше исклучителна прилика за нашите и европските млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес, кој воедно беше и диригент.
 
 
Концертот со исклучителна тешка програма, имаше хуманитарен карактер и целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
 
 
Публиката, со два биса, ја поддржа, синоќа, вонсериската магична музичка и хуманитарна приказна која заврши со вино дружење со младите таленти и Симовиќ (инаку, женет за Охриѓанка) кој дипломирал на Московскиот конзерваториум во класата на Марина Јашвили и создал значајна соло кариера со поддршка на познатиот руски диригент Валериј Гергиев. 
Симовиќ (1981)  веќе десет години свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер и банкар Џонатан Моулдс. Во светот се останати само 40-50 виолини на Страдивари, кои се најценети и најскапи, од 1.200 колку што ги изработил, со единствен звук и изработка, „како да се изработени со ласер, а не со примитивни алатки“, како што потенцираше Симовиќ за македонските медиуми. 
 
Институтот „Фејмс“ веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво, поддржан од европски фондови. Младите музичари се бираат по пат на аудиција четири пати во годината и таленти од триесетина земји се во Скопје, заедно со млади музичари од Македонија кои се членови на оркестарот.

 

 

Л. Сабит
 
Фото: Драган Котовски