Четвртиот пакет мерки ќе изнесува 350 милиони евра, државата дополнително ќе се задолжи уште 85 милиони евра
Четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на последиците од КОВИД-19 ќе изнесува околу 350 милиони евра од кои 264 милиони се од Буџетот на државата и околу 85 милиони како исклучително поволни дополнителни кредитни линии.
Пакетот 4, кој треба да биде усвоен од Владата на седницата во недела, на 27 септември, опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината, платежни картички за неколку категории граѓани, грантови за најпогодените сектори, широк спектар за ослободување или олеснување за повеќе давачки за компаниите, намалување на ДДВ во повеќе услужни и други дејности, како и други мерки.
Ова вечерва им го соопштил премиерот Зоран Заев на претставниците на стопанските комори на средбата што се одржа во Владата. Како што соопшти претходно денеска премиерот Заев, дел од мерките ќе бидат со владини одлуки, додека за дел ќе биде потребна измена на закони за кои ќе треба да се произнесат и пратениците во Собранието.
„Стопанските комори се задоволни од мерките предвидени во четвртиот пакет за поддршка на компаниите и граѓаните и што голем број од нивните сугестии и предлози се прифатени“, се вели во владиното соопштение.
На средбата покрај премиерот Заев, присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши, како и претставниците на стопанските комори во земјата.
Владиниот тим, како што се посочува во соопштението, ги презентирал главните контури на четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19 пред претставниците на стопанските комори во земјата.
„На презентацијата на мерките беше нагласено дека четвртиот пакет е континуитет на претходните и дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се прилагодува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните од најпогодените категории“, соопшти Владата.
Претставниците на стопанските комори во земјата на средбата изразија задоволство што и овој пат беа вклучени во креирањето на мерките и што голем број од нивните сугестии и предлози се опфатени во овој четврт пакет за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19, се вели во владиното соопштение. (Н.В.)