Честитки од Трамп и Путин до Пендаровски
По повод изборот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, писма со честитки испратија голем број светски државници и меѓународни организации.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во писмото со честитки до претседателот Пендаровски, пишува дека денес, нашите две нации се поблиски од кога било претходно.
„САД силно ја поддржува Северна Македонија, која го зазема своето заслужено место во западните институции и особено се надева дека ќе ја поздрави Северна Македонија наскоро како наш 30-ти сојузник во НАТО. Историскиот Договор од Преспа претставува смел и храбар пример со кој се зајакна безбедноста и просперитетот за народот на Северна Македонија и целиот регион. Заложбите на Вашата земја за демократски начела, владеење на правото, отчетност на владата и борба против корупцијата се за поздравување. Се надевам на продлабочување на пријателството и соработката во иднината“, пишува во честитката од претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.
Во писмото упатено од претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, се посочуваат традиционално пријателските односи меѓу двете земји.
„Посветувам големо внимание на односите меѓу Кина и Северна Македонија и изразувам подготвеност за соработка со Вас, со цел развој на заедничките политики и стратегии и продлабочување на заедничката соработка и подигнување на нашите билатерални односи на ново ниво“, пишува кинескиот претседател во честитката до претседателот Пендаровски.
Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин,посака успех на претседателот Пендаровски во вршењето на одговорната функција, добро здравје и благосостојба.
„Односите меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија се темелат на добрите традиции на културна и духовна блискост. Убеден сум дека конструктивното унапредување на нашите односи би им одговарало на народите на нашите две земји и на цела Европа“, пишува претседателот Путин.
Писмо со искрени честитки по повод стапувањето на должноста на претседателот Пендаровски упати Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета II.
„Најдобри желби до Вас и народот на Северна Македонија со очекување да продолжат одличните односи меѓу двете земји“, стои во писмото од Кралицата Елизабета II.
Во писмото упатено од претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, се потенцира:
„Со Вас највисоката државна функција ја презема одлучен поддржувач на евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. Германија се залага за тоа Вашата земја да продолжи со суштинските реформи и решително и понатаму да чекори по својот пат кон ЕУ“. Вие ја преземате функцијата во момент што е значаен за Вашата земја, пишува Штајнмајер. „Со Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција покажаа дека и покрај големиот отпор, преку дијалог и со храброст може да се решат и привидно безизлезните спорови“, стои во писмото од германскиот претседател.
Писмо со честитка упати претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
„Вашите заложби за градење на правната држава, за членството на Вашата земја во НАТО и за нејзината европска перспектива, но и Договорот од Преспа, го убедија мнозинството гласачи. Договорот од Преспа е пример за регионално помирување, кое придонесува за стабилноста на Западен Балкан и на Европа во целина“. Францускиот претседател во писмото порачува дека Северна Македонија може да смета на конкретна поддршка од Франција за спроведување на своите реформи. „Нашите две земји имаат изградено врски на доверба за одбрана на нашите заеднички вредности, особено во борбата против тероризмот“, пишува претседателот Макрон, посакувајќи му на претседателот Пендаровски успех во вршењето на одговорната функција.
Во писмото испратено од претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, се изразува увереност дека Република Северна Македонија ќе постигне дополнителен и конкретен напредок, со цел побрза интеграција во ЕУ.
„Италија ги поддржува реформите на Вашата земја во европската и евроатлантската интеграција и ќе продолжи да ја поддржува конструктивноста на Скопје за плодна регионална соработка“, пишува претседателот Матарела.
Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда во честитката ја потврдува поддршката за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.
„Би сакал да изразам воодушевување од реформите спроведени во Република Северна Македонија, како и надеж дека оваа година ќе отпочнат преговори за пристапување кон Европската унија“, стои во честитката од полскиот претседател.
Унгарскиот претседател, Јанош Адер, во честитката до претседателот Пендаровски посочува дека Република Северна Македонија е достоен пример за целиот регион, со решавањето на односите со соседите и започнување на реформските процеси што се основа на преговорите за пристапување во ЕУ.
Во честитката од Сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, се вели дека ова е многу важен период во историјата на нашата нација. Австрискиот претседател е убеден дека претседателот Пендаровски силно ќе придонесе за единството на граѓаните на Северна Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, пишува во честитката.
Во писмото упатено од претседателот на Романија, Клаус Вернер Јоханис, се реафирмира поддршката од Романија за отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Писмо со честитка упати претседателот на Чешката Република, Милош Земан. „Ме радува што Вашата земја успеа да стави крај на долгогодишниот спор со соседна Грција и цврсто верувам дека со новото име на државата доаѓа и ера на нови можности“, пишува чешкиот претседател Земан.
Претседателот на Словачката Република, Андреј Киска, изразува убедување дека под раководство на претседателот Пендаровски, Република Северна Македонија успешно ќе го заврши процесот на интеграција во НАТО и ќе постигне значителни успеси во интеграцијата во ЕУ.
Писма со честитки за изборот на претседателот Пендаровски и поддршка на членството на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО, упатија и претседателите на Естонија и на Литванија.
„Не се сомневам дека членството на Вашата земја во НАТО и натамошно зајакнување на односите со ЕУ ќе отворат нови можности за соработка меѓу нашите земји“, стои во писмото од претседателката на Литванија, Далиа Грубаискаите.
Претседателот на Естонија, Керсти Калјулаид, изразува убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и посакува успех на патот на европските интеграции.
Во писмото упатено од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, стои:
„Наша најискрена желба е односите со Северна Македонија, која ја гледаме како клучна за иднината и стабилноста на Балканот, цврсто да ги придвижиме кон иднината. Во овие рамки ќе продолжиме да Ви бидеме најблизок поддржувач во процесот на интеграција во евроатлантските институции“, пишува претседателот Ердоган во писмото до претседателот Пендаровски.
Во писмото упатено од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг се изразува благодарност за заложбите на претседателот Пендаровски за евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
„Вашата работа како Национален координатор за подготвување на Северна Македонија за членство во НАТО, беше инструментално за успешно завршување на процесот на пристапните преговори и потпишување на Протоколот за пристапување оваа година“, пишува Столтенберг. Генералниот секретар очекува да продолжи соработката со цел остварување на реформскиот процес во Северна Македонија, посочувајќи дека безбедноста, одбраната и владеењето на правото се клучните сектори за реформирање. „Присоединувањето на Северна Македонија во Алијансата ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан“, стои во честитката.
Во име на Европската унија, писмо со честитки за изборот на претседателот Пендаровски, упатија претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
„Европската унија смета дека Договорот од Преспа е извонредно политичко достигнување и круцијален чекор на вашиот пат кон ЕУ. Договорот претставува пример за помирување и за останатите во регионот и пошироко“, стои во писмото од Туск и Јункер, изразувајќи целосна поддршка на напорите на Северна Македонија во интеграциските процеси и спроведување на реформите.
Писмо со честитка до претседателот Пендаровски упати и претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.
„Преспанскиот договор отвори нова ера во односите меѓу нашите две соседни држави, и испрати многу потребна и многу позитивна порака, за помирување и соработка на Балканот. Убеден сум дека ќе се согласите со мене дека примената, почитувањето на историската вистина, како и писмото и духот на Договорот од Преспа, суштински ќе придонесат во зајакнувањето и продлабочувањето на нашата сеопфатна билатерална соработка во сите области од заеднички интерес, како и за натамошно зајакнување на стабилноста, безбедноста и напредокот во Југоисточна Европа. Оттука, ја користам оваа прилика, господине претседател, да ја повторам силната поддршка на мојата земја за процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија“, пишува претседателот Павлопулос.
Честитки по повод изборот на претседателот Пендаровски упатија и другите соседни држави на Република Северна Македонија, како и претседателите од Регионот. Честитки пристигнаа од претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, од претседателот на Република Албанија, Илир Мета, од претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, како и од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, од претседавачот со Претседателството на БиХ, Милорад Додик, од претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и од претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.
Писма со честитки до претседателот Пендаровски упатија и Императорот на Јапонија, Кралот на Шведска, Кралот на Холандија, Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Кралот на Мароко, Кралот на Саудиска Арабија, Емирот на Државата Катар, Емирот на Кувајт, Султанот на Оман, апостолскиот нунциј на Светот Престол, Генералниот Гувернер на Австралија, претседателот на Федеративна Република Бразил, претседателот на Арапската Република Египет, претседателот на Република Тунис, претседателот на Република Куба, претседателот на Република Ерменија, претседателот на Виетнам, претседателот на Грузија, претседателот на Белорусија, претседателот на Узбекистан, претседателот на Република Замбија, Големиот Господар на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта.